Ömer Tuğrul Çam
10 Февруари 2020•Ажурирај: 11 Февруари 2020
АНКАРА (AA) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, во Анкара изјави дека не е можно да се говори за политички процес во Сирија сè додека трае агресивноста на режимот и сè додека толку цивили гинат и ги напуштаат своите домови, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу порача дека Турција е спремна да ги преземе неопходните мерки, доколку таквата агресивност продолжи.
Тој денес во Анкара се состана со Мирослав Церар, министерот за надворешни работи на Словенија, а по состанокот е одржана и прес-конференција.
На прашањето во врска со ситуацијата во Идлиб, Сирија, и за тоа дека со делегацијата што допатувала од Русија постои компромис, Чавушоглу одговори: „Да има компромис, денешниот состанок не би бил ниту потребен“, и додаде:
„Денес почнаа нови состаноци, ќе видиме какви резултати ќе има. Претседателот Ердоган лично подвлече дека ќе преземеме потребни мерки ако режимот и понатаму продолжи со агресивност.“
Чавушоглу подвлече дека не е можно да се зборува за политички процес и Уставотворна комисија во Сирија сè додека цивилите гинат и ги напуштаат своите домови.
Осврнувајќи се на односите со Словенија, Чавушоглу рече дека обемот на трговската размена помеѓу двете земји изнесува околу две милијарди долари, но дека секако постои можност таа цифра да се зголеми.
Потсетувајќи дека турска компанија прв пат победила на тендер за важен инфраструктурен проект во Словенија, Чавушоглу изјави дека турските компании се заинтересирани за проектите во Словенија. Нагласи дека двете земји би требало да ја јакнат соработката во одбранбената индустрија.
„Словенија секогаш даваше објективна поддршка за нашиот процес за членство во ЕУ. Ако имаше и некоја критика или предупредување, тоа беше пријателски. И во наредниот период заедно ќе работиме на подобрување на односите со пријателска Словенија“, рече Чавушоглу.