Eren Bozkurt
19 Септември 2021•Ажурирај: 20 Септември 2021
АДАНА (АА) - Турската Република Северен Кипар (ТРСК) одлучно ќе продолжи да го следи својот пат во Источниот Медитеран без одвоеност од Турција, изјави денес премиерот на земјата Ерсан Санер, јавува Агенција Анадолија (АА).
Санер пред новинарите во јужна Турција изјави дека целиот свет ги вперил очите кон регионот, за кој се верува дека има големи резерви на гас.
Потенцирајќи дека тие се во многу добра хармонија со својата матична земја Турција, Санер рече дека работат со целосна синхронизираност за да ги заштитат териториите и решенијата за двете еднакви суверени држави на островот.
Тој повтори дека тие ќе ги мобилизираат сите средства за промовирање на заедничките интереси на турската нација за заштита на супериорноста на „Сината татковина“ на море и во воздух.
Кипар е заглавен во децениски спор помеѓу кипарските Грци и кипарските Турци, и покрај серијата дипломатски напори на ОН за постигнување сеопфатно решение.
Етничките напади што започнаа во раните 1960-ти години, ги натераа кипарските Турци да се повлечат во енклави заради своја безбедност.
Во 1974 година, државниот удар спроведен од кипарските Грци, чија цел беше анексија кон Грција, доведе до воена интервенција на Турција како земја гарант за заштита на кипарските Турци од прогон и насилство. Како резултат на тоа во 1983 година беше основана Турската Република Северен Кипар.
Во последните години одвреме-навреме се активира мировниот процес, меѓу кој е и неуспешната иницијатива од 2017 година од Швајцарија под покровителство на земјите гаранти Турција, Грција и Велика Британија.
Администрацијата на кипарските Грци влезе во ЕУ во 2004 година, а истата година кипарските Грци го спречија планот на тогашниот челник на ОН, Кофи Анан, за ставање крај на долгогодишниот спор.