Zehra Aydın
02 Февруари 2016•Ажурирај: 03 Февруари 2016
АНКАРА (АА) - Наводите дека терористичката организација ПКК користи „српски снајперисти платеници” во своите напади во југоисточниот дел на Турција се шпекулации и не се вистинити, изјави денес министерот за внатрешни работи на Република Турција Ефкан Ала, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Ала присуствуваше на состанокот на турскиот премиер Ахмет Давутоглу со пратениците од турскиот парламент кои ги претставуваат градовите во источните и југоисточните региони во Турција, а потоа одговараше на прашањата на новинарите во врска со актуелните случувања.
Ала, исто така, се осврна и на тврдењата на поедини медиуми дека ПКК користи „српски снајперисти платеници” и рече дека станува збор за погрешни информации.
„Овие тврдења не се точни. Да, точно е дека има странски снајперисти, како што потврди и нашиот премиер. Но, информациите за тоа дека тоа се снајперисти од земјите кои се наведени (Србија) се шпекулации, и не се точни. Не објавуваме идентитет”, порача Ала.
„Одредени турски медиуми претходно објавија дека ПКК користи „српски снајперисти платеници” во своите напади, а на овие наводи на медиумите претходно реагираше амбасадата на Србија во Анкара. Во нивното соопштение се наведува дека Србија „остро се противи на било какво учество на своите државјани во оружени судири во другите земји”.
ПКК покрај Турција, за терористичка организација е прогласена и од страна на Европската унија (ЕУ) и САД.