Burcu Çalık
27 Април 2019•Ажурирај: 28 Април 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, коментирајќи ги одлуките на некои парламенти на европските земји со кои настаните од 1915 година се карактеризираат како наводен „геноцид над Ермените" порача дека ерменското преселување не било ниту геноцид, ниту голема катастрофа која се случила во тешки услови пред еден век, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган во Анкара говореше на состанокот на Партијата на правдата и развојот (АК Партија), а во таа пригода се осврна на актуелните настани во неговата земја, како и за тврдењата на одредени земји, според кои настаните од 1915 година се карактеризираат како наводен „геноцид над Ермените".
„Милиони Ерменци немаше да живеат низ Европа, САД, Северна Африка, Кавказ, ако наводите против нас беа вистинити“, изјави Ердоган.
Говорејќи за борбата против тероризмот, Ердоган порача дека неговата земја решително продолжува да презема конкретни чекори на тој план.
„Ќе продолжиме со чекори кон потполно чистење на терористите во Сирија, но и веднаш ќе се зајакнеме со „С-400“ и други безбедносни системи“, истакна Ердоган.
Турскиот претседател Ердоган изјави и дека турската владејачка АК Партија победила на локалните избори одржани минатиот месец.
„Секои избори се тест, борба и можност за оценување. Успеавме значително на локалните избори на 31 март“, изјави Ердоган.
„Нашата нација вели дека изборите за градоначалник на Истанбул се сомнителни. Мора сите сомнежи да се елиминираат, за на народот да му биде полесно“, рече турскиот претседател.
Ердоган нагласи дека турскиот народ на локалните избори на 31 март оваа година од вкупно 1.389 општини во целата земја, 758 доверил на Партијата на правдата и развојот.
Тој рече дека АК Партија не ги изгубила изборите ниту во Истанбул, ниту во главниот град Анкара, а тие зборови ги поткрепи со фактот дека АК Партија од вкупно 39 истанбулски општини победила во 24 општини, односно 25, ако се земе в предвид и една општина која ја доби Партијата на национално движење (МХП), која со АК Партија на изборите настапи во рамките на Народна алијанса.
Додаде исто така дека кога станува збор за главниот град Анкара, од 25 општини во составот на Градот Анкара, Народната алијанса победила во 22 општини, од кои АК Партија во 19, МХП во три.
Кога станува збор за изборите во Истанбул, Ердоган изнесе критики на сметка на опозициската Републиканска народна партија (ЏХП), кажувајќи дека оваа партија не покажала зрелност и почитување на волјата на народот, и дека паднала на испитот кога станува збор за користење на демократските права. Републиканската народна партија, како што рече, жалбениот процес по изборите го извадила од правна рамка и се обидела да фрли сенка над него.
„Врз основа на нашата борба во Истанбул успеавме од кражба да спасиме близу 15.000 гласови, што јасно покажува колку нашата жалба била на место. Замислете, разликата во гласовите за градоначалник била 30.000, а падна на 13.000. Разликата сигурно ќе биде уште помала бидејќи процесот уште трае. Тука се работи за едно организирано делување. Доказите кои ги имаме го потврдуваат тоа", рече Ердоган.
Ердоган ги отфрли гласините дека АК Партијата изгубила надеж, нагласувајќи дека партијата ќе ја продолжи својата правна борба.