Fatih Çakmak,Merve Yıldızalp,İlhan Toprak
01 Март 2017•Ажурирај: 02 Март 2017
ИСЛАМАБАД (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган имаше свое обраќање пред лидерите – учесници на 13. Самит на Организацијата за економска соработка (ЕКО), кој се одржува во Исламабад, главниот град на Пакистан, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Ердоган во својот говор истакна дека земјите-членки на ЕКО се протегаат на површина од 8 милиони квадратни километри, а во нив живеат околу 400 милиони жители.
„Се гордееме со членството во оваа организација, која истовремено ги претставува нашите заеднички вредности, историско потекло и братство. Овој самит е многу голема можност за поглед на основната слика на организацијата, нејзина процена, преглед на недостатоците и според тоа, зацврстување на нашата визија“, рече турскиот претседател Ердоган.
Претседателот Ердоган во своето обраќање истакна дека според постоечките резултати, организацијата недоволно го мобилизира сопствениот потенцијал.
„Иако подрачјето на ЕКО во 2015 година имаше удел од 6,2 отсто во светското население, уделот во светската трговија изнесуваше само 2 отсто. Прв предуслов е да ги направиме чекорите што ќе ја зголемат внатрешната трговија. Затоа е многу важно да се реализира Договорот за трговија на Организацијата за економска соработка“, додаде Ердоган.
- „Солидарноста во политичката борба е од витално значење“
Во врска со зацврстувањето на економските и на трговските односи, претседателот Ердоган рече дека првенствено треба да се отстранат заканите по безбедноста и стабилноста.
„Тема на која особено сакам да ѝ се посвети внимание е дека независно од бројот на средбите и состаноците на Самитот на Организацијата за економска соработка, основната рамка на средбите ја прави политиката и политичкиот пристап. Затоа во оваа заедница не е можно политиката да биде надвор од секој чекор што ќе го преземеме. Затоа меѓусебната солидарност е од големо значење во оваа политичка борба“, истакна турскиот претседател Ердоган.
Тој посочи дека голем број земји се среќаваат со тешкотии, а меѓу нив се Авганстан и Азербејџан.
„Особено не можеме да бидеме индиферентни наспроти случувањата во Нагорно-Карабах. Сѐ уште нема никаков резултат од преговорите коишто траат веќе 20 години. Триото од Минск не успеа да го реши проблемот. Затоа треба ние самите да го направиме тоа. Затоа во името на ЕКО или друга организација, во знак на солидарност, треба да направиме одлучни чекори доколку тоа е потребно“, рече претседателот Ердоган.
Претседателот Ердоган рече дека треба на секој меѓународен состанок да се зборува за окупаторскиот однос на Ерменија. „Како ЕКО или друга организација, потребно е постојано да ја следиме ситуацијата“, истакна Ердоган.
- „Не смееме да ја загрозиме својата иднина поради интересите на странските елементи“
Претседателот Ердоган истакна дека е потребно да се зголеми солидарноста и соработката против секој вид на тероризам.
„Денес Турција води интензивна борба против крвавите терористички мрежи на ДЕАШ, ФЕТО, ПКК, ПЈД. Потребно е овие групи на убијци кои не признаваат принципи, етика и вредности, да ги исфрлиме од нашето подрачје. Во никој случај не можеме да дозволиме муслиманите да бидат обвинувани поради нечовечките убиства на овие терористички организации. Треба да внимаваме на нарачителите, кои со етничките и секташките судири во регионот, сакаат да нѐ внесат во ривалство и во хаос. Не смееме да ја загрозиме својата иднина поради интересите на странските елементи. Наша првенствена обврска е да го запреме крвопролевањето во Сирија, Ирак, Јемен, во Либија и да го згаснеме огнот на интригите“, додаде Ердоган.
Турскиот претседател истакна дека е потребно да се зголеми солидарноста со неправедно изолираната Турска Република Северен Кипар (ТРСК) и во структурата на Организацијата за економска соработка, ТРСК да добие статус на постојан набљудувач, и додаде дека би било од корист за ТРСК, некои од активностите на Организацијата за економска соработка да бидат организирани во ТРСК.