Ali Murat Alhas
26 Февруари 2019•Ажурирај: 28 Февруари 2019
АНКАРА (AA) - Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган коментирајќи го воспоставувањето на безбедносна зона во Сирија, изјави дека Турција никому не може да му довери територија која би претставувала закана по неговата земја, јавува Anadolu Agency (AA).
„Не можеме некому да му довериме територија која ќе ни претставува закана. Таму ќе бидеме ние", рече Ердоган во текот на заедничката програма на телевизиските канали „NTV" и „Star TV".
„Во овој момент нашата цел е терористичките организации ПЈД/ЈПГ да бидат во потполност отстранети од Мунбич. А оружјето кое е во нивните раце ќе го земе Америка, како што претходно ни е ветено", рече турскиот претседател.
Ердоган се осврна и на односите на Турција со Европската унија и говореше за процесот на пристапување во оваа заедница. „Европската унија ја загуби шансата да биде некаква атракција", рече турскиот претседател и истакна дека процесот на пристапување на Турција во ЕУ би можел да доведе до тоа неговата земја да продолжи по сопствен пат.
„Каде тоа може да не однесе? Може да не однесе во насока на крајот да почнеме да креираме сопствен пат. Не мораме да го слушаме здивот од нивната уста", рече Ердоган.
Тој ги коментираше и извештаите на Европскиот парламент за Турција.
„Допуштете ми да ви кажам многу јасно, овие извештаи на Европскиот парламент, тие одлуки кои ги донесуваат, немаат никакво значење", рече Ердоган.
Истакна дека Турција би можела да прифати, како што рече, добра понуда во врска со американскиот противракетен систем Патриот
. „Во случајот Патриот, ако ни понудите добри услови, ни сме и за тоа. Но, исто така мораме да имаме алтернатива", рече Ердоган.
Меѓутоа, нагласи дека Турција дефинитивно нема да го промени курсот во однос на купувањето на рускиот систем S-400. На крајот додаде дека високиот советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, во среда ќе ја посети Турција за да со турските функционери разговара за економските и регионалните прашања.