Ayşe Yıldız
26 Февруари 2019•Ажурирај: 27 Февруари 2019
АНТАЛИЈА (АА) - АЈШЕ ЈИЛДИЗ -
Претседателот на делегацијата на Европската Унија за Турција, Кристијан Бергер, истакнувајќи дека ЕУ ја цени работата на Турција во врска со бегалците во оваа земја, особено кон оние кои доаѓаат од Сирија, додаде дека ќе се продолжи со соработката со Турција по прашањето на миграциите.
„Ќе продолжиме на глобално ниво да работиме заедно со Турција по прашањето на миграциите, а не само по прашањата што во основа се однесуваат само на сириските бегалци“, истакна Бергер.
Бергер, кој престојува во Анталија по повод средбите, во изјавата за Аnadolu Agency (AA) рече дека раселените лица се нарекуваат мигранти.
Осврнувајќи се на податоците на високиот комесар за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) од минатата година, Бергер истакна дека е зголемена бројката на мигранти и додаде дека е потребно дејствување заедно со земјите, со цел да се отстранат факторите кои се причина за миграциите.
Потенцирајќи дека Турција има сериозни проекти поврзани со мигрантите, Бергер го истакна следното:
„Многу ја цениме големата улога што ја одигра Турција околу миграциите, особено за активностите изведени за бегалците кои дојдоа од Сирија. За сите оние кои ги загубија своите домови во Ирак, особено за оние во Сирија, за луѓето кои избегаа од страв за нивните животи, Турција покажа голема великодушност, секогаш отворајќи ги своите граници. Во врска со мигрантската политика на Европската Унија, минатата недела во Истанбул се одржа значајна конференција. Со состанокот претседаваше Турција. На конференцијата се дискутираше за мигрантската политика долж Патот на свилата. Најважната порака од конференцијата беше дека ниту една земја нема да може самостојно да го понесе товарот на миграциите и дека е потребно тој товар да се сподели.“
- „Предвидуваме глобална соработка“ -
Велејќи дека по прашањето на мигрантите, ЕУ ќе продолжи секогаш да ѝ дава поддршка на Турција, Бергер изјави дека покрај обезбедувањето финансиска помош за бегалците, ќе постои можност и за преселување на некои бегалци во земјите од Европската Унија.
„Ќе продолжиме на глобално ниво да работиме заедно со Турција по прашањето на миграциите, а не само по прашањата што во основа се однесуваат само на сириските бегалци. Едно од разгледуваните прашања кои ги сметаме за важни се причините за миграциите на луѓето. Зошто ги напуштаат своите држави? Понекогаш тоа може да е поради економската состојба, а понекогаш поради политичката криза. Причини се вооружените судири, војната и граѓанската војна“, рече Бергер, истакнувајќи дека предвидуваат глобална соработка, со цел да се отстранат сите ситуации кои се причина луѓето да ги напуштаат своите земји.