Alma Dekovic
15 Февруари 2022•Ажурирај: 17 Февруари 2022
ЛОНДОН (АА) - Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ (34) изјави дека повеќе би сакал да пропушти тениски трофеи во иднина отколку да биде принуден да прими вакцина против коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во ексклузивното интервју за „Би-би-си“, тенисерот рече дека не треба да се поврзува со движењето против вакцините, туку го поддржува правото на поединецот на избор.
Ѓоковиќ беше прашан дали ќе го жртвува учеството во натпревари како Вимблдон и Отвореното тениско првенство на Франција поради неговиот став за вакцината.
„Да, тоа е цената што сум подготвен да ја платам“, изјави Ѓоковиќ.
Дваесеткратниот победник на Грен слем турнири беше депортиран од Австралија минатиот месец откако владата на земјата двапати му ја укина визата затоа што не бил вакциниран.
Светскиот тенисер број еден тврдеше дека добил медицинско ослободување за влез во земјата за да игра на „Австралија опен“, откако неодамна се опоравил од Ковид-19.
Сепак, државниот министер за имиграција, Алекс Хоук, ги искористи своите овластувања и му ја укина визата на 34-годишниот тенисер, тврдејќи дека неговото присуство може да поттикне граѓански немири и антиваксерско расположение.
„Никогаш не сум бил против вакцинацијата. Но, отсекогаш ја поддржував слободата на избор за она што го внесувате во вашето тело. Разбирам дека на глобално ниво сите се обидуваат да вложат големи напори за да ја решат пандемијата и се надевам ќе го видиме крајот на овој вирус, наскоро“, изјави Ѓоковиќ, потврдувајќи дека и самиот бил вакциниран како дете.
Ѓоковиќ изјави дека се надева дека ќе се променат условите за вакцинација на одредени турнири и дека ќе може да игра уште многу години.
Но, тој потврди и дека е подготвен да се откаже од шансата да стане статистички најдобриот тенисер на сите времиња. Неговиот ривал Рафаел Надал освои 21 грен слем титула - најмногу од сите тенисери.
„Принципите на донесување одлуки за моето тело се поважни од која било титула или што било друго. Се трудам да бидам во склад со моето тело што е можно повеќе“, порача Ѓоковиќ.