Dejan Maksimovic
14 Ноември 2017•Ажурирај: 15 Ноември 2017
МИЛАНО (АА) - Јан Андерсон, селекторот на шведската фудбалска репрезентација, по пласманот на Светското првенство во Русија во 2018 година, изјави дека не сака да зборува за Златан Ибрахимовиќ и неговото евентуално враќање во државниот тим, пренесува Anadolu Agency (AA).
Швеѓаните приредија сензација елиминирајќи ги во баражот Италијаните, кои за првпат по 60 години го пропуштаат Мундијалот. Шведска во првата средба пред своите навивачи славеше со 1:0, додека синоќа на „Сан Сиро“ успеа да ја сочува предноста.
„Ова е неверојатно. Ибрахимовиќ пред година и пол се прости од репрезентацијата, а ние сѐ уште зборуваме за него. Сметам дека треба да зборуваме за големи играчи кои ги имаме во овој тим. Малку сум трогнат, но и очигледно многу среќен поради резултатот“, рече Андерсон, а потоа сепак се врати на големата ѕвезда на шведскиот и светскиот фудбал:
„Кога Ибрахимовиќ беше со нас, игравме поразличен фудбал. Имајќи предвид дека тој одлучи да се збогува со репрезентацијата, а тој е голем шампион, моравме да се адаптираме и да пронајдеме нов стил на фудбал“.
Ибрахимовиќ од репрезентацијата на Шведска се прости по Европското првенство во Франција во 2016 година. Тој моментно е играч на Манчестер Јунајтед и се опоравува од тешка повреда на коленото. Се очекува да се врати на теренот во јануари следната година.