Dejan Maksimoviç
24 Март 2018•Ажурирај: 25 Март 2018
ЛОС АНЏЕЛЕС (AA) - Шведскиот фудбалер Златан Ибрахимовиќ, веднаш по преминувањето од „Манчестер Јунајтед“ во „Лос Анџелес Галакси“, започна да дава изјави во својот стил. Во интервју за интернет-страницата на американската фудбалска лига МЛС (Major League Soccer) , Ибрахимовиќ рече дека се радува што ќе ги освои САД, како што ја освоил и Европа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Искусниот 36-годишен напаѓач одлучи да го раскине Договорот со „Манчестер Јунајтед“ и кариерата да ја продолжи во „Лос Анџелес Галакси“, еден од најтрофејните американски клубови.
„Исклучително сум возбуден. Знам со што дојдов и знам што можам да направам. Ова е само уште една нова авантура за мене, нов предизвик. Се радувам што ќе ги освојам САД, токму како што ја освоив Европа“, истакна Ибрахимовиќ.
Швеѓанинот, кој оваа сезона по враќањето по тешката повреда на колено одигра само седум натпревари за „црвените ѓаволи“, инсистира на тоа дека одамна знаел оти „ЛА Галакси“ ќе биде неговата следна дестинација.
„По 20 години во Европа, каде што играв за најдобрите клубови, со најдобрите играчи, и освоив толку титули, беше време да го сменам континентот и да се преселам во МЛС. За мене немаше никаква дилема, „Галакси“ е вистинскиот тим и затоа го избрав. Немаше потреба тој да ме бира мене“, рече Ибрахимовиќ и додаде дека Дејвид Бекам му помогнал во донесувањето на одлуката.
„Го запознав Бекам додека играв во „Париз Сен-Жермен“ и многу ми раскажуваше за „Галакси“ и за искуствата кои ги имал во Америка. Говореше позитивно и ми рече дека би требало да преминам таму еден ден. Таквите зборови ви ја олеснуваат одлуката кога ја бирате следната дестинација. Ова требаше да се случи и порано, но не се случи. Сепак, сега се случи и тоа е судбина“, рече Ибрахимовиќ.
Фудбалерот Златан Ибрахимовиќ во текот на богатата кариера играше за „Малме ФФ“, „Ајакс“, „Јувентус“, „Интер“, „Барселона“, „Милан“, „Париз Сен-Жермен“, „Манчестер Јунајтед“. Во клупскиот фудбал освои сè, освен Лигата на шампионите. За репрезентацијата на Шведска одигра 116 натпревари и постигна 62 гола.