Dejan Maksimovic
26 Февруари 2022•Ажурирај: 27 Февруари 2022
ВАРШАВА (АА) - Цезар Кулеша, претседател на Фудбалскиот сојуз на Полска, на социјалните мрежи објави дека репрезентацијата на Полска нема намера да го одигра бараж-натпреварот за овогодинешното светско првенство во Катар поради нападот на Русија врз Украина, известува Агенција Анадолија (АА).
„Нема повеќе одолговлекување, време е за дејствување. Поради ескалацијата на агресијата на Руската Федерација врз Украина, репрезентацијата на Полска нема намера да игра против Русија на бараж-натпреварот. Тоа е единствена праведна одлука. Во преговори сме со чешкиот и шведскиот фудбалски сојуз со цел да изнесеме заеднички став пред Светската фудбалска федерација“, објави Кулеша на социјалната мрежа Твитер.
На неговата објава реагираше и еден од најдобрите фудбалери на денешницата, Полјакот Роберт Левандовски, капитен на полската репрезентација и член на германскиот прволигаш Баерн.
„Праведна одлука. Не можам да замислам да играм натпревар со репрезентацијата на Русија во ситуација кога продолжува вооружената агресија на Украина. Руските фудбалери и навивачи не се одговорни за тоа, но не можеме да се преправаме дека ништо не се случува“, порача Левандовски.
Полуфиналниот дуел од баражот за учество на Светското фудбалско првенство во Катар меѓу Русија и Полска беше закажан за 24 март во Москва. Во вториот полуфинален натпревар истиот ден ќе се сретнат Шведска и Чешка во Солна. Победниците од полуфиналните средби требаше да играат во Москва или Хожов (Полска), во зависност од тоа дали би се квалификувала репрезентацијата на Русија или Полска.