Emre Aşıkçı
03 Септември 2021•Ажурирај: 04 Септември 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Англиските фудбалери Рахим Стерлинг и Џуд Белингем беа навредувани на расна основа за време на синоќешниот квалификациски натпревар за Светското првенство 2022 против Унгарија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Расистички скандирања беа упатени кон Стерлинг и Белингем од страна на гледачите во Арената „Пушкаш“ во Будимпешта.
Кон Стерлинг беа фрлани и чаши при неговиот гол во 55. минута, прв на натпреварот.
Британскиот премиер Борис Џонсон го осуди инцидентот окарактеризирајќи го како целосно неприфатлив и ја повика ФИФА да преземе остри мерки.
„Сосема е неприфатливо тоа што синоќа играчите на Англија беа предмет на расистички навреди во Унгарија“, напиша тој на Твитер.
„Ја повикувам ФИФА да преземе остри мерки против одговорните со цел ваквото срамно однесување да биде искоренето од натпреварите засекогаш.“
Англија ја совлада Унгарија со 4:0 со головите на Рахим Стерлинг, Хери Кејн, Хери Мегваер и Деклан Рајс.