Emre Aşıkçı
22 Мај 2024•Ажурирај: 23 Мај 2024
ИСТАНБУЛ (АА) – Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, ја водеше церемонијата за одбележување на 120-годишнината од формирањето на раководното тело на светскиот фудбал, јавува Анадолу.
Настанот се одржа во Париз на покана на францускиот претседател Емануел Макрон.
На церемонијата, освен Макрон, присуствуваа високи претставници на ФИФА, претставници на шесте светски фудбалски конфедерации, седумте основачки членки, легендите на ФИФА и други истакнати личности од светот на фудбалот и воопшто спортот.
„Почнавме со седум членки пред 120 години. Сега се 211. Петте милијарди луѓе што ги гледаат светските првенства на ФИФА и сонуваат за фудбалот; играчите и легендите на ФИФА што денес се тука, оние што прават да ни чукаат срцата, кои ни ги даваат овие неверојатни емоции, навивачите од целиот свет што ја следат својата страст и кои го прават фудбалот навистина, навистина единствен“, рече Инфантино.
„Историја од 120 години, 120 години обединување на светот“, додаде тој.
За време на церемонијата претседателот на ФИФА и претставниците на седумте основачки членки на ФИФА, вклучително и националните фудбалски сојузи на Белгија, Данска, Франција, Холандија, Шведска и Швајцарија, како и Реал Мадрид ЦФ, кој ја претставуваше Шпанија пред 120 години, потпишаа комеморативен сертификат.