Eshat Fırat
02 Ноември 2017•Ажурирај: 03 Ноември 2017
ЕРУСАЛИМ (АА) - На Западниот Брег и во Источен Ерусалим беа организирани протести на 100-годишнината од Балфoровата декларација, со којашто Велика Британија ги постави темелите за создавање еврејска држава на палестинска земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Илјадници Палестинци демонстрираа во Наблус, Рамала, Џенин, Витлеем, Tубас, Хеврон и во Ерихон, кои припаѓаат на Западниот Брег. Демонстрантите носеа црни знамиња, извикуваа слогани против британската Влада и побараа извинување.
Палестинците кои ја организираа протестната прошетка до Британскиот културен центар, на службениците на наведената институција им предадоа писмо во коешто бараат извинување.
Васил Абу Јусуф, од Палестинската ослободителна организација (ПЛО), учесник на протестот, за АА рече дека Палестинците денес испратија порака којашто е потврда за нивните реакции на тоа што Велика Британија им ја даде палестинска територија на Евреите.
Во Рамала е организирана програма за да се покаже ставот против Балфoровата декларација. Стотици студенти се облекоа во црна облека за да ја покажат болката предизвикана од страна на Велика Британија, и својот став го изразија преку пароли и пораки напишани на транспаренти.
Палестинскиот министер за образование, Сабри Сајдам, по трката „Маратон против Балфор“, организирана во Рамала, изјави дека Велика Британија направи голема грешка против палестинскиот народ.
„Оваа земја наместо да се извини и да се искупи, со славењето на годишнината продолжува да инсистира на својата грешка“, рече тој.
Демонстрации се одржаа и пред британскиот конзулат во Источен Ерусалим.
Десетици луѓе се собраа пред конзулатот носејќи палестински, но исто така и црни знамиња, и извикуваа слогани против декларацијата и против Обединетото Кралство.
Демонстрантите им врачија протестна нота на британските официјални лица, а палестинскиот министер за прашањата за Ерусалим, Аднан ал-Хусејни, рече дека организирањето одбележување на годишнината од објавувањето на Декларацијата го потсетува палестинскиот народ на болката.
Тој рече дека се протестира и против прославата што ќе се одржи во Велика Британија, во присуство на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Околу конзулатот се преземени строги безбедносни мерки, а едно лице беше приведено.