Hilmi Sever
04 Јануари 2018•Ажурирај: 05 Јануари 2018
АНТАЛИЈА - ХИЛМИ СЕВЕР -
Адис Јаховиќ, македонски репрезентативец кој го носи дресот на екипата од турската прва фудбалска лига (Супер Лига), Ѓозтепе, изрази надеж дека ќе биде најдобар стрелец во сезоната и додаде дека сака да го продолжи договорот со Ѓозтепе, но, како што рече, доколку тоа не се случи „нема да биде крајот на светот."
Во интервјуто за Anadolu Agency (AA) фудбалерот Јаховиќ говореше за својата кариера.
„Мојата моментална одлука е да направам позитивни преговори до крајот на јануари со Ѓозтепе и да останам тука со еден добар договор“, нагласи македонскиот репрезентативец, истакнувајќи дека вестите околу тоа дека не ја прифатил понудата на Ѓозтепе за продолжување на договорот, не ја одразуваат вистината.
„Вестите кои велат дека сум добил понуда, но не сум ја прифатил се апсолутно лажни“, рече Јаховиќ, информирајќи дека постојат други екипи кои се заинтересирани за него.
„Јас и моето семејство сме многу среќни што сум во Ѓозтепе. Мојот приоритет е да разговарам со претставниците и претседателот на мојот клуб и да го продолжам договорот. Но, ако не можам да постигнам договор со мојот клуб, треба да мислам на мојата кариера. Постојат и други екипи кои се заинтересирани за мене. Нормално дека сакам да останам тука, но ако не се случи тоа, нема да биде крајот на светот за Ѓозтепе. Имам 30 години, треба да мислам на мојата економска состојба и на иднината. Ако во јануари не постигнеме договор, кон крајот на сезоната ќе бидам слободен. Кога сте слободни, имате шанси да се договорите со повеќе екипи“, додаде Јаховиќ.
- Без понуда од Бешикташ -
Јаховиќ истакна дека не добил понуда од Бешикташ и додаде: „Можеби мојот менаџер добил понуда, но не ми кажува за да не се збунам, не знам. Бидејќи ова е негова работа, со него треба да разговарате. Пред сѐ сакам да преговорам со Ѓозтепе и тоа да резултира позитивно. Ако овие преговори резултираат негативно, тогаш можеме да мислиме на нешто друго. Моментално мислам само на втората половина од сезоната“.
- „Почнавме да мислиме на нашата цел - европските првенства“ -
„По натпреварот со Галатасарај имавме 30 бодови. Искрено, тоа ме чудеше, но истовремено ме направи многу среќен. Пред започнување на сезоната, нашата цел беше да останеме во лигата, но по добрата игра и собраните бодови почнавме да мислиме на нашата цел - европските првенства“, нагласи успешниот македонски фудбалер во врска со нивниот перформанс во првата година кога влегле во Супер лигата.

- „Верувам дека ќе бидам најдобар стрелец“ -
Македонскиот репрезентативец со постигнати 14 погодоци во првата половина од сезоната во Супер лигата, се наоѓа на врвот на табелата со Бурак Јилмаз и Бафетимби Гомис.
„Верувам дека ќе бидам најдобар стрелец. Зошто да не. Се надевам дека ќе продолжам со погодоци, и со постигнуваме на нашата цел во Европа, но и повеќе. Во мојата глава немам одредена бројка за погодоци. Во мојата глава постојат размислувања само да постигнам голови, постојат мисли за секогаш да барам повеќе. Гомис и Бурак се многу добри играчи. Верувам дека кон крајот на сезоната натпреварите ќе бидат со поголем натпреварувачки дух. На крајот ќе видиме кој ќе биде најдобар стрелец“, истакна тој во врска со целта да биде најдобар стрелец.
- „Елиф Елмас има голем талент“ -
Јаховиќ вели дека неговиот сограѓанин Елиф Елмас, кој го носи дресот на фудбалскиот клуб Фенербахче има голем талент.
„Елиф Елмас има голем талент. Може да даде голем придонес за Фенербахче. Мислам дека ќе има многу добра иднина. Се сретнав со него и му реков доколку не игра на натпревари, за него ќе биде подобро да игра за друг клуб како позајмен играч. Елиф ми рече дека ќе добие можност да игра во клубот“, нагласи стрелецот на Ѓозтепе.
Од друга страна, Адис Јаховиќ нагласи дека навивачите на Ѓозтепе даваат голема поддршка за клубот.
„Нашите навивачи се прекрасни. Нема збор за нив. Најдобри навивачи што сум видел во животот. Ако тие не беа со нас, не ќе можевме да ги постигнеме овие бодови, и минатата година не ќе можевме да влеземе во Супер лигата. Каков и да е резултатот, навивачите се со нас. Многу им благодарам“, рече македонскиот репрезентативец кој го носи дресот на Ѓозтепе, Адис Јаховиќ, во интервјуто за AA.