Şenhan Bolelli
04 Септември 2017•Ажурирај: 05 Септември 2017
МАДРИД (АА) - Управата на шпанскиот фудбалски клуб Реал Мадрид го прогласи возачот на Формула 1, Фернандо Алонсо, за почесен член, јавува Anadolu Agency (AA).
Поранешниот шампион во Формула 1, Шпанецот Алонсо, признанието од фудбалскиот гигант го прими на церемонијата одржана на стадионот „Сантијаго Бернабеу“.
„Ова за мене е посебен ден, бидејќи уште од раѓањето сум навивач на Реал. Мојот татко е верен навивач на Реал Мадрид. Беше голман и во нашата куќа секогаш се зборуваше само за фудбал“, изјави Алонсо на церемонијата.
Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перес, изјави дека Алонсо е голем талент и спортист од светска класа.
„Ова признание што клубот му го доделува е знак на почит кон него“, порача Перес.
Покрај Алонсо, за почесни членови на Реал Мадрид претходно беа прогласени и првиот рекет на машкиот тенис во светот, Рафаел Надал, играчот на голф Серџо Гарсија, како и познатиот светски тенор Пласидо Доминго.