спорт

Српскиот тенисер Ѓоковиќ не доби виза за влез во Австралија

На Ѓоковиќ му била откажана визата на аеродромот во Мелбурн, бидејќи не можел да ги исполни условите за влез во Австралија, каде што требаше да учествува на Австралија опен, првиот грен слем турнир оваа година.

Recep Şakar  | 06.01.2022 - Обновена : 07.01.2022
Српскиот тенисер Ѓоковиќ не доби виза за влез во Австралија Фото: Архива / АА

МЕЛБУРН 

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, кој е број 1 на машката светска ранг-листа, не доби виза за влез во Австралија, пренесува Агенција Анадолија (АА).

На Ѓоковиќ му била откажана визата на аеродромот во Мелбурн, бидејќи не можел да ги исполни условите за влез во Австралија, каде што требаше да учествува на Австралија опен, првиот грен слем турнир оваа година.

Австралиската гранична безбедност (ABF) во соопштението истакна дека Ѓоковиќ „не дал соодветни докази за да ги исполни условите за влез во Австралија“ и дека затоа визата му е укината.

„Не-државјаните кои немаат важечка виза при влез или на кои визата им е укината ќе бидат приведени и протерани од Австралија“, се нагласува во соопштението на Австралиската гранична безбедност (ABF).

Коментирајќи ја ситуацијата на Ѓоковиќ на својот твитер-профил, австралискиот премиер Скот Морисон рече: „Никој не е над правилата. Нашите силни гранични политики се од клучно значење за Австралија, која има една од најниските стапки на смртни случаи од Ковид-19 во светот, и ние остануваме да бидеме претпазливи.“

Морисон во вчерашната изјава истакна дека доколку светскиот рекет број 1 не успее да ги документира причината за ослободувањето од медицински причини, Ѓоковиќ нема да биде третиран поинаку и со првиот авион ќе биде испратен дома.

Исто така, се нагласува дека Ѓоковиќ, кој е задржан на аеродромот во Мелбурн и најверојатно ќе биде испратен од Австралија, ќе поднесе тужба за запирање на процесот на депортација.

Новак Ѓоковиќ, 9-кратниот шампион на Австралија Опен, се соочи со ризикот да не учествува на овој турнир бидејќи не откри дали има примено вакцина против Ковид-19 или не. И покрај тоа, Ѓоковиќ доби специјална дозвола од организаторите за учество на турнирот, што предизвика бурни реакции во Австралија.

Австралија опен ќе се одржи во Мелбурн од 17 до 30 јануари.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.