Dejan Maksimoviç
09 Февруари 2019•Ажурирај: 11 Февруари 2019
ОРЕ (АА) - Аксел Лунд Свиндал ја заврши својата последна трка во кариерата во спустот на Светското првенство во Оре, Шведска, пренесува Anadolu Agency (AA).
Голем број обожаватели од Норвешка, вклучувајќи го и принцот Хакон и принцезата Мете-Марит, пристигнаа во соседна Шведска за да го проследат последниот настап на еден од најдобрите спортисти на Норвешка на сите времиња. Но, Свиндал на денешниот проштален спуст беше победен од страна на сонародникот Кјетил Јансруд.
Јансруд со стартен број 6 спустот го заврши перфектно од почеток до крај и во финишот влезе со време 1: 19,88. Свиндал стартуваше подоцна и низ целата патека беше многу блиску до времето на Јансруд.
Свиндал, кој заостануваше две стотинки зад Јансруд, во пензија не отиде со златен медал околу вратот.
Бронзениот медал го освои Австриецот Винсент Крихмајр, кој беше побавен од победникот за 33 стотинки.
Трката на спустот на Светското првенство во Оре беше во скратено издание поради големите количества снег што паднаа во текот на ноќта.
Свиндал во заслужена пензија ќе замине со сребро од спустот, дисциплина во која во 2007 и 2013 година беше светски шампион. Во својата исклучително богата кариера 26-годишниот норвешки скијач освои уште три златни (велеслалом и двапати комбинирано), еден сребрен и два бронзени медали на светски првенства.
Од Олимписките игри има четири медали, од кои два се златни, додека на Светскиот куп освои 36 победи. Двапати беше апсолутен победник на Светскиот куп, а малиот кристален глобус го освојуваше девет пати, петпати во супервелеслалом, двапати во спуст и по еден во велеслалом и во комбинација.