БЕЛГРАД (AA) – Небојша Петровиќ -
Селекторот на Португалија, Фернандо Сантош, не ја гледа својата репрезентација во групата фаворити за освојување на Светското првенство, но ветува дека секој натпревар во Русија ќе го подготвува како да станува збор за финална борба за трофејот. Во ексклузивен разговор за Anadolu Agency (AA), експертот, кој со Португалија стана првак на Европа пред две години во Франција, порача дека неговиот тим има квалитет да им се спротивстави на најсилните селекции на светот:
„Историски гледано, Португалија никогаш не била фаворит на големите натпревари. Кандидат број 1 е секогаш Германија, потоа Шпанија, Бразил и Аргентина, како стандардни аспиранти за највисокиот пласман. Ние во секој натпревар влегуваме со желба да победиме и да стасаме што подалеку. Кога ќе поставите цел, вложувате максимален труд за да го остварите, и тогаш, сè е можно. Признавам, целта на Португалија е титула на светски првак, и доколку се бориме како на Европското првенство во Франција, можеме да дојдеме до тронот.“
- Не е лесно да се игра под притисок -
Португалија во квалификациите се бореше со жесток ритам кој од првиот натпревар го наметна репрезентацијата на Швајцарија, ривалот на Србија на Светското првенство во Русија.
„Швајцарците одиграа перфектни квалификации и значително ни ја отежнаа работата. По тој пораз на стартот на циклусот, сфативме дека мораме да менуваме некои работи и да вклучиме некои нови играчи. Имавме само една можност, да ги добиеме сите девет натпревари и да одиме директно на Мундијалот. Не е лесно да се игра под таков притисок. Многу натпревари во теорија беа едноставни и лесни, за во пракса да се покажат како многу комплицирани. Сетете се само на Андора. За среќа, имавме одговор во најтешките моменти“, истакна Сантош.
Многумина веруваат дека за освојувањето на титулата на европски или светски шампион е неопходна огромна доза среќа. Можеби на португалски јазик „среќа“ се вели „Кристијано Роналдо“.
„Најпрвин би рекол 'работа'. Многу работа. Среќа е нешто што те следи доколку работиш чесно. Германците се најдобар пример. Секогаш имаат ист систем. Работат, работат и само работат. И тогаш им се случува среќа. На играчите мора да им всадите страст кон националниот дрес. Тоа е тотално друго чувство од она кога играат за својот клуб. Треба да ги подготвите ментално за да можат достојно да ја претставуваат својата земја. Државниот тим не признава его. Кога ќе го елиминирате егото, доаѓа до израз колективот, и вратите до успехот се отворени. Нормално е да имам играч каков што е Роналдо, кој со еден потег може да го реши натпреварот. Тоа е богатство за секој тренер. Но, покрај тоа што поседува неверојатен креативен потенцијал, Кристијано со своето присуство дава голема тежина на националниот тим. Има силен карактер, умее да се постави на теренот, тој е вистински капитен и лидер на тимот. Тој е оној кој ја создава унијата меѓу играчите. Речиси 14 играчи имаат под 25 години. Замислете, сите тие до неодамна собираа сликички од Роналдо и го молеа за автограм. А сега играат со него во иста екипа. Тоа е уште една негова одлика, умее да им пријде на младите играчи и да им го покаже патот кон славата. Да не зборувам за неговите работни навики кои се граничат со фанатизам. Затоа и е најдобар на светот“, рече Сантош.
- Упорноста на Роналдо -
Сантош во Лисабон го научи Роналдо на основите на фудбалскиот занает, а специјално во разговор за AA ја открива најголемата грешка во својата тренерска кариера:
„Го пуштив да игра за Спортинг на пријателскиот меч против Манчестер јунајтед. И секако, веднаш го зедоа по мечот. Беше страшно да се остане без Роналдо. Често го земав како пример за да им укажам на играчите на некои работи. Се сеќавам, кога имаше 17 години, го повикав во мојата канцеларија и му реков дека ги има сите предиспозиции да стане врвен играч, но да обрне внимание на скок-играта и ударот со глава, бидејќи тоа му се единствените недостатоци. Само климна со главата и замина. Знаев дека ќе ме послуша, но мислев дека на тоа ќе работи во наредните месеци и во наредните години. Кога утредента дојдов на тренинг, тој веќе беше на теренот. Задолжи тројца помлади играчи постојано да му центрираат на глава. Ете, тоа е Роналдо.“
- Видеотехнологијата ја убива емоцијата -
Делумно го поддржува ставот на легендарниот српски тренер Бора Милутиновиќ, дека фудбалот со воведување на технологијата ја изгубил душата.
„Кој би смеел да му противречи на човекот кој на Светското првенство однесе пет различни репрезентации. Фудбалот навистина се игра со срце, душа и љубов, но не можеме да се изолираме од иновациите. Треба само да ги подобриме и усовршиме. Како и да е, ништо не нè спречува фудбалот и понатаму да го доживуваме како страст. Ако се откажеме од емоциите, фудбалот ќе умре. Ќе исчезне. Затоа, внимателно со воведувањето и примената на технолошките помагала. Бевме сведоци на Купот на конфедерациите дека тоа изгледаше многу конфузно. Им требаше повеќе од 2 минути да се проверат спорните детали и да се донесе одлука. Публиката му се радуваше на голот, а 2 минути подоцна сфати дека сето тоа било залудно. Тоа ја убива емоцијата“, рече Сантош, и додаде:
„Се губи хуманиот аспект на играта. Има моменти кога тие одлуки се многу битни за исходот на натпреварот, но мора да се најде баланс. Општеството напредува, и затоа и фудбалот мора да напредува во чекор со времето. Тоа не е спорно. Науката презеде важна улога, особено во анализата на натпреварот и контролата на физичката подготвеност. И тоа на почетокот наидуваше на отпор, па се приспособивме. Фудбалот е феномен и затоа преживеа. Но во исто време, фудбалот е игра на страсти и игра на грешки. Тоа му е некако во коренот. Кога не би имало грешки, секој натпревар би се завршувал со 0 : 0. И каде е тука смислата? Тоа треба да го имаме на ум.“
- Теренот е закон и нема мешање во работата -
„Многу погрешно го протолкуваа скаутирањето на Роналдо покрај аут-линијата во финишот на финалниот натпревар на Европското првенство против Франција“, изјавува Сантош, само насмевнувајќи се кога некој ќе го праша зошто ѝ дозволил на првата ѕвезда на репрезентацијата да му ја презеде селекторската улога во толку деликатен момент.
„Еве, ќе ви кажам што ми рече во тој момент и потоа ќе ви биде појасно. Кога ми скокна на грбот и ме оттргна, само рече 'Стари, стари, победивме, успеавме.' Кај нас во Португалија, 'стари' е израз за татко. Тоа ви е доволно да разберете каков е мојот однос со Роналдо. Како однос на татко и син. И не само со него, туку и со сите играчи. Се разбира, никогаш не би дозволил натпреварот да го води кој било место мене. Тоа што се случи против Франција е најубавиот момент кој може да му се случи во кариерата на еден тренер. Тоа е доказ дека си успеал во животот. Оние кои добро ме познаваат, знаат дека веднаш на почетокот на циклусот јасно ги дефинирам односите во екипата. Постојат два клучни детали. Теренот е закон и тука нема мешање во мојата работа. Многу сум ригорозен во однос на тоа прашање и понекогаш умеам да бидам и злобен. Јас владеам со тактиката и стратегијата. Прашајте ги играчите со кои работев во Грција колку сум тврд кога станува збор за автономијата“, рече Сантош, и нагласи:
„Вториот детал е од приватна природа и тоа нема врска со теренот. Секој играч има отворени врати во кој било период од денот и ноќта да дојде и да разговара со мене за што и да посака. Освен за тоа дали ќе биде во тимот. Сите тие имаат свои приватни проблеми и јас тежнеам кон тоа да ги сослушам и да им помогнам. И сите се во иста положба. Тоа го научив од мојот тренер во Бенфика кога имав 18 години. Ми беше несфатливо, по тренингот да имаат привилегија да вежбаат слободни удари само најдобрите играчи во екипата. Видов некоја неправда во тоа. Сите ние знаеме дека Кристијано Роналдо е најдобар на светот, но лично тој не сака да се одвојува во текот на тренингот и да ужива каква било привилегија. Да не се лажеме, Роналдо е единствениот кој има загарантирано место во тимот. Ако одигра еден натпревар лошо, треба да го преселам на клупата? Па која будала на овој свет, би си го дозволила тоа себеси? Во ред, доколку е изморен, но ако е блиску до топ-формата, тој е сигурно меѓу 11-те. Тој на прв поглед изгледа арогантно, но тоа е негов начин да функционира во ова лудило. Пример, одевме на Купот на конфедерации во Русија. Сè беше совршено, пред хотелот еуфорија, 300 до 400 луѓе секој ден извикуваат 'Кристијано, Кристијано!' Тој се повреди и отпатува пред финалето на натпреварот за Португалија. Што мислите, колку луѓе утредента беа пред хотелот? Нула. Не е лесно да се борите со товарот на толку голема слава. Ронално во суштина е нормална личност, преполн со чувства и емоции.“
news_share_descriptionsubscription_contact
