Sena Güler
06 Јуни 2018•Ажурирај: 07 Јуни 2018
БУЕНОС АИРЕС (AA) – Пријателскиот натпревар помеѓу фудбалските репрезентации на Израел и Аргентина, кој требаше да се игра во Ерусалим, е откажан, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од Фудбалскиот сојуз на Аргентина денеска рекоа дека ги известиле колегите од израелската Федерација.
Натпреварот, кој беше закажан за 9 јуни, и требаше да се игра на стадионот „Теди Колек“, предизвика многу негативни реакции, посебно кај Палестинците. Исто така, беше најавен бојкот на различни организации.
Според наводите на аргентинските медиуми, селекторот Јорге Сампаоли од почетокот се противел на играњето натпревар со Израел, а ниту играчите не биле претерано заинтересирани за играње на тој дуел.
Гонзало Игуаин, напаѓач на торинскиот Јувентус и репрезентативец на Аргентина, во изјава за ESPN потврди дека натпреварот во Ерусалим е откажан.
„Конечно ја направија вистинската работа“, рече Игуаин.
Палестинците, кои тврдеа дека играњето на натпреварот би ги поддржало напорите на Израел да ја легализира окупацијата на Ерусалим, одржаа протести во многу места, па дури и во Барселона, каде што Аргентинците се подготвуваат за Светското првенство.
„Натпреварот стана политички инструмент и нешто повеќе од спорт поради инсистирањето на Израел да се игра во Ерусалим, за кој тврдат дека е главен град“, рече Џибрил Раџуб, претседател на Фудбалскиот сојуз на Палестина.
Тој побара од аргентинските фудбалери, особено од ѕвездата Лионел Меси, да не се појават на натпреварот.
Средбата со Израел требаше да биде генерална проба за Аргентина пред настапот на Светското првенство во Русија, што ќе се одржи од 14 јуни до 15 јули.