Dejan Maksimoviç
06 Јуни 2018•Ажурирај: 06 Јуни 2018
МОСКВА (АА) - Фудбалската репрезентација на Иран е првата селекција која допатува во Русија, каде што од 14 јуни до 15 јули ќе се одржи Светското првенство, јавува Anadolu Agency (AA).
Иранските фудбалери на чело со португалскиот селектор Карлос Квироз пристигнаа во Москва синоќа, девет дена пред почетокот на Мундијалот. Подготовките за Светското првенство ќе продолжат во тренинг-кампот „Локомотива Баковка“ во близина на главниот руски град.
„Да се биде во Русија е остварување на сонот за иранскиот фудбал. Ова го постигнавме со напорна работа и жртва, што само го зголемува нашето чувство на гордост и привилегија да бидеме тука. Иранскиот тим ќе ужива во фактот дека ќе се натпреварува со најдобрите тимови и што ќе биде дел од фантастичното семејство на Светското првенство. Дојдовме со намера да се обидеме овој сон да направиме да трае што подолго и се радуваме што ќе имаме улога во најдобриот светски шампионат досега“, рече Квироз по пристигнувањето во Русија.
Пред Иранците има уште еден контролен натпревар пред почетокот на Светското првенство.
Тие ќе се сретнат со Литванија на 8 јуни во Москва, а седум дена подоцна ќе ги одмерат силите со Мароко во првиот круг од групата „Б“ во Санкт Петербург.
Ривали во групата ќе бидат и Шпанија (20 јуни) и Португалија (25 јуни).