Yunus Kaymaz
04 Јуни 2022•Ажурирај: 05 Јуни 2022
ПАРИЗ (АА) - Норвежанецот Каспер Руд, осми на АТП ранг-листата на тенисери во машка конкуренција, се пласираше во финалето на Отвореното тениско првенство на Франција (Ролан Гарос) откако во полуфиналето го совлада Хрватот Марин Чилиќ, 23. тенисер во светот, известува Агенција Анадолија (АА).
По мечот што траеше речиси три часа, 23-годишниот Руд го совлада Чилиќ со 3:1 во сетови.
Чилиќ го доби првиот сет со 6:3 во гемови, а Норвежанецот беше подобар во вториот сет, што го доби со резултат 6:4 во гемови и изедначи на 1:1, за следните 2 сета да ги добие убедливо со 6:2 и испиша голема победа и пласман во финалето на Ролан Гарос.
Полуфиналето на Ролан Гарос во еден момент во вториот сет беше прекинато откако активистка се заврза за мрежата, но мечот набргу продолжи.
Руд со оваа победа за првпат во својата кариера се пласираше во финале на еден Грен слем турнир.
Норвежанецот во финалето ќе игра против 36-годишниот Шпанец Рафаел Надал (5-ти на АТП-листата), кој претходно избори пласман совладувајќи го германскиот тенисер Александар Зверев. Во вториот сет при резултат 6:6 во гемови и водство на Надал од 1:0 [7:6 во тај-брејк (10:8)] во сетови, Зверев го предаде мечот поради повреда.
Финалето е закажано за недела, 5 јуни, со почеток во 15:00 часот.