Dejan Maksimoviç
22 Октомври 2019•Ажурирај: 25 Октомври 2019
ТОРИНО (АА) - Кристијано Роналдо, еден од најдобрите фудбалери на денешницата, се ближи кон 35. година од животот, а во пресрет на вечерашниот натпревар во Лигата на шампиони, меѓу Јувентус и Локомотив од Москва, изјави дека сѐ уште не размислува за пензија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Годините се само број. Тоа што имате 34, 35 или 36 години не значи дека сте пред крајот на кариерата. Тоа можам да го потврдам со моите настапи, начинот на кој играм. И понатаму се чувствувам добро, доволно сум остар, размислувам за играта и позрел сум. Тоа ја прави разликата“, изјави Роналдо за италијанските медиуми, и додаде:
„Ме прави среќен да победувам, да постигнувам голови, да уживам во себе и кога ќе дојдам дома децата да ми кажат: ’Ти честитаме, тато, што постигна голови.‘ Тоа е мојата мотивација да дојдам да тренирам, да играм во натпревари и со мојата игра да ги забавувам луѓето и навивачите.“
Роналдо кариерата ја започна во лисабонскиот Спортинг од кој во 2003 година премина во Манчестер јунајтед. По шест сезони премина во Реал Мадрид, при што во летото 2018 година пристигна во Јувентус. За „старата дама“ одигра 53 натпревари и постигна 33 гола. И понатаму игра за репрезентацијата на Португалија, со која во 2016 година стана шампион на Европа. Досега има запишано 162 настапи со 95 погодоци.