Doğa Kırmızıoğlu
17 Мај 2021•Ажурирај: 18 Мај 2021
АНКАРА (АА) - Викендов продолжија натпреварите во 5-те најпрестижни фудбалски лиги на Европа, Премиер лига (Англија), Ла лига (Шпанија), Серија А (Италија ), Бундеслига (Германија) и Лига 1 (Франција), пишува Агенција Анадолија (АА).
Екипите на Манчестер Сити во Англија, Интер во Италија и Баерн Минхен во Германија претходно ја обезбедија шампионската титула во домашното фудбалско првенство. Во моментов Атлетико Мадрид е лидер во шпанската Ла лига, а Лил во француската Лига 1.
- Ла лига -
По одиграното 37. коло во шпанското фудбалско првенство, новиот шампион остана да биде познат по одигрувањето на последното коло. Викендов Атлетико Мадрид, како домаќин, со погодоците постигнати во последните минути извојува победа од 2:1 над Осасуна и ја задржа лидерската позиција во Ла лигата.
Реал Мадрид како гостин го совлада Атлетико Билбао со 0:1 и ја продолжи својата борба за шампионската титула, додека Барселона како домаќин загуби со резултат 1:2 од Селта Виго.
Пред последното коло во шпанското фудбалско првенство лидер на табелата во Ла лига е Атлетико Мадрид со 83 бода. Следуваат Реал Мадрид со 81, Барселона со 76 и Севиља со 74 бода.
- Лига 1 -
Во француското фудбалско првенство, екипата на Лил, лидер во Лига 1, за која настапуваат турските интернационалци Бурал Јилмаз, Јусуф Јазиџи и Зеки Челик, како домаќин одигра без голови 0:0 против Сент Етјен, и загуби значајна предност во трката за титулата во француското фудбалско првенство.
Париз Сен Жермен (ПСЖ), кој во чекор го следи Лил, како домаќин со 4:0 го совлада Ремс. Монако на домашен терен го совлада Рен со 2:1, додека Олимпик Лион извојува победа од 2:5 на гостувањето во Ним.
На коло пред завршувањето на француското фудбалско првенство, Лил е лидер во Лига 1 со 80 бода. ПСЖ е второпласиран со 79 бода, третопласиран е Монако со 77, додека Олимпик Лион е на четвртото место со 76 бода.
- Премиер лига -
Екипата на Манчестер Сити, која претходно ја загарантира шампионската титула, во 36. коло од англиската Премиер лига, како гостин со 4:3 го совлада Њукасл.
Ливерпул на гостувањето кај Вест Бромвич Албион со погодокот постигнат во судиското продолжение извојува победа од 1:2 и желбата за пласман меѓу првите четири екипи во Премиер лигата ја пренесе во последните кола од првенството.
На две кола пред крајот на фудбалското првенство во Англија, Манчестер Сити е на врвот со 83 бода. Второпласиран е Манчестер Јунајтед со 70 бода, трет е Лестер Сити со 66, по кој следуваат Челзи со 64 и Ливерпул со 63 бода.
- Серија А -
Интер Милан уште од претходно ја загарантира титулата во италијанската Серија А. Во последното коло новиот шампион на Италија како гостин загуби со 3:2 од минатогодишниот шампион Јувентус.
Аталанта, како гостин ја совлада Џенова со 3:4, додека Милан на домашен терен одигра 0:0 со Каљари. Наполи со 0:2 извојува победа на гостувањето кај Фиорентина.
По 37. коло во Серија А, Интер Милан е на врвот од табелата со 88 бода. Следуваат Аталанта со 78, Наполи и Милан со 76 и Јувентус со 75 бода.
- Бундеслига -
И екипата на Баерн Минхен е еден од тимовите што од претходно ја обезбедија шампионската титула во домашното првенство. Баерн Минхен одигра нерешено 2:2 на гостувањето во Фрајбург.
Тимот на Лајпциг како домаќин одигра 2:2 против Волфсбург, а Борусија Дортмунд како гостин со 1:3 го совлада Мајнц 05.
На три кола пред крајот на германското фудбалско првенство, Баерн Минхен се наоѓа на врвот од табелата со 75 бода. Следуваат Лајпциг со 65 бода, Борусија Дортмунд со 61, колку што има и Волфсбург.