спорт

Дарко Панчев за АА: „Македонија на Европското првенство не смее да биде вреќа за удирање“

„Вардар отсекогаш беше голем спортски бренд, од основањето па сѐ до денес, но во последно време многу тоа се промени. Нови критериуми, нови навивачи... На крајот од краиштата, нов амбиент во кој сите сакаат да водат клуб...“, рече Дарко Панчев.

Nebojša Petrovic  | 18.05.2021 - Обновена : 19.05.2021
Дарко Панчев за АА: „Македонија на Европското првенство не смее да биде вреќа за удирање“ Фото: Небојша Петровиќ / Агенција Анадолија

БЕЛГРАД (АА)

- Небојша ПЕТРОВИЌ


Како гром од ведро небо, низ регионот одекна информацијата дека Вардар од Скопје наредната сезона ќе мора да се натпреварува во вториот ранг на фудбалот на Северна Македонија. Ексклузивно за АА некогаш славниот центарфор на Вардар, Црвена звезда, Интер од Милано, Фортуна од Дизелдорф, Лајпциг и Сион, Дарко Панчев, вели дека такво нешто би можело да се очекува.

„Вардар отсекогаш беше голем спортски бренд, од основањето па сѐ до денес, но во последно време многу тоа се промени. Нови критериуми, нови навивачи... На крајот од краиштата, нов амбиент во кој сите сакаат да водат клуб. Политиката исто така вмеша прсти, постави свои луѓе. Сите се мешаа во раководењето на Вардар, исклучок на оние кои навистина им припаѓаат на спортските структури. Во таквите околности, воопшто не ме изненади овој пласман на крајот од првенството, кое подразбира одење во втората лига“, изјави Панчев и додаде:

„Секако дека ми е жал. Кога Илија Најдоски и јас пред две години се повлековме од клубот, реков што ќе се случи. Просто го насетив епилогот, бидејќи видов што се случува. За жал, бев во право. Бевме немоќни било што да преземеме и да помогнеме. Знаете, малку е чудна ситуацијата?! Како, руските милионери го водат клубот, а клубот испаѓа поради недостаток на пари. Мислам на рускиот газда и тој човек што му беше бизнис-партнер, кој сега е во затвор. Тука нема никаква логика. Но, не би донесувал прерани заклучоци. Кога не си во тој систем и не знаеш што се случува, не можеш конкретно ни да одговориш на прашањето зошто нешто се случило.“

Многу се поведри оние репрезентативни теми, бидејќи Македонците со нетрпение го очекуваат стартот на Европското првенство и историското деби против Австрија.

„Нема да ја откријам Америка ако кажам дека ќе бидеме аутсајдери. Тоа на сите ни е јасно. Меѓутоа, се надевам дека можеме барем еден противник да изненадиме. Многу е битно да оставиме добар впечаток и да не бидеме вреќа за удирање. Тоа што Македонија се квалификуваше за Европско првенство, на Европа не ѝ значи ништо. На нив тоа им е нормално, бидејќи повеќето од тие големи репрезентации секои две години се натпреваруваат на некој голем турнир. За да ги импресионираме, мораме да победиме барем една од овие три селекции кои се во нашата група“, истакна Панчев, кој апострофира уште еден важен детал:

„Само во случај на добар резултат, Европа ќе каже ’браво момци’, Македонија стварно заслужува да биде на Европско првенство. И затоа постојано потенцирам дека е многу важен впечатокот кој ќе го оставиме ова лето во Букурешт и Амстердам. Тоа е добро за играчите, за Сојузот, а добро е и за претседателот на УЕФА, Александар Чеферин. Бидејќи утре некој ќе му каже, 'чекај бе, Чеферин, што правиш со оваа Лига на нации, зошто им дозволуваш на аутсајдерите да играат во финалето на големите натпревари‘. Тоа некој сигурно ќе му го префрли. Е затоа од особена важност е да не се разочараме и на сите да им ставиме до знаење дека Словенецот погодил со овој нов систем на квалификација.“

Дарко е презадоволен со начинот на кој неговиот голем пријател Драган Стојковиќ-Пикси стартувал на клупата на репрезентацијата на Србија.

„Засега оди добро. Дефинитивно се гледа дека има позитивни промени и резултатите дојдоа како логична последица. Порано велев дека репрезентативците на Србија мораат да покажат повеќе волја. Многу од нив со договори во странство обезбедија егзистенција и се чувствуваше дека во дресот на државниот тим не пружаат игри во согласност со својот квалитет. Сфативме конечно дека репрезентацијата е ниво кое мораат повеќе да го почитуваат. Хрватите го немаа тој проблем и затоа правеа добри резултати. Српските играчи имаат огромен потенцијал и Србија заслужува место на врвот на европскиот фудбал“, вели Панчев.

Лесно е да се претпостави кој е фаворит на Дарко Панчев во актуелниот состав на националниот тим на Србија.

„Александар Митровиќ е одличен. Баш одличен. Се слушнав со него пред една година, беше во некое друштво во еден лондонски ресторан, па ми се јавија телефонски. Така се запознавме. Прекрасно момче. Доста разговаравме, јас му честитав на головите. Го следам редовно. Станува збор за вистински голгетер. Дава голови од сите позиции. Го гледав во последниот натпревар против Азербејџан, вториот гол беше вистинско мајсторство. Лажен десно, па удар лево, страшна реакција. Тоа покажува дека има некои елементи во кои многумина не веруваа. Одлично турка, секоја чест“, рече Панчев и продолжи со пофалби за уште еден српски напаѓач:

„Влаховиќ е откритие на сезоната. Добро се гради, добива дуели, дава голови. Отиде во добра лига. Италијаните сами признаваат дека нивното првенство во последните десет години доживеало пад и дека не е веќе меѓу најквалитетните во Европа. Можеби е и најслабо во конкуренција на овие пет најсилни шампионати. Токму поради тоа сметам дека тоа е вистинска лига за афирмација на младите играчи. Влаховиќ не згреши со изборот на средината, нека продолжи со ваквите игри и може само да напредува.“



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın