Zuhal Demirci
09 Декември 2020•Ажурирај: 10 Декември 2020
АНКАРА
- Зухал ДЕМИРЏИ
Унгарскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Петер Сијарто, во интервју за АА изјави дека Турција ја смета за стратешки партнер на ЕУ и дека поради тоа кон оваа земја заговара политика што се темели на тоа начело, а не политика што се заснова на непријателство, лицемерие, двојни стандарди и држење лекции, јавува Агенција Анадолија (АА).
Сијарто, кој вчера престојуваше во официјална посета на Турција, зборуваше за АА за билатералните и регионалните теми меѓу неговата земја и Турција, како и за ставот на Унгарија во контекст на односите на Турција со ЕУ.
Тој нагласи дека Турција и Унгарија се две пријателски и сојузнички земји и земји членки на најсилниот светски одбранбен сојуз, НАТО.
„Турција ја сметаме за стратешки партнер, не само за Унгарија туку и стратешки партнер на ЕУ, бидејќи Турција е европски сосед со најсилна економија“, истакна Сијарто.
Тој нагласи дека турската економија има намера набрзо да стане една од 10-те најсилни економии на светот и додаде: „Наш интерес е да имаме ефикасна и динамична соработка со таква држава и економија. Целта ни е да го зголемиме обемот на трговската размена на 5 милијарди долари годишно.“
На прашањето каков ќе биде ставот на неговата земја кон Турција на самитот на лидерите на ЕУ, што ќе биде одржан на 10 и 11 декември, Сијарто одговори:
„Ние ја гледаме Турција како стратешки партнер на ЕУ. Поради тоа кон неа заговараме политика што се темели токму на тоа начело, а не политика што се заснова на непријателство, лицемерие, двојни стандарди, осудување и држење лекции.“
- Унгарија не се оддалечува од ЕУ
Министерот ги коментираше и одредените наводи за оддалечување на Унгарија и Полска од ЕУ, нагласувајќи дека не може да се сложи со таквите коментари.
„Ние сме дел и членка на ЕУ. Сакаме да ја зајакнеме ЕУ, но не се согласуваме со другите во тоа на кој начин треба да се зајакне“, изјави Сијарто.
Напоменувајќи дека пред Унијата постојат историски потешкотии во врска со прашањата како што се епидемијата, миграциите, економијата и Брегзит, Сијарто нагласи дека е вистинско време за дискусија по кој пат треба да се оди во иднината на ЕУ.
Наведувајќи, исто така, дека постојат различни пристапи по ова прашање, Сијарто напомена дека постои пристап кој вели дека ЕУ би требало да функционира како „соединети европски држави“ со јако средиште и концентрација на моќ во Брисел, но дека Унгарија не го поддржува овој пристап.
Се додава дека постои и друг пристап со кој ЕУ би требало да биде „силно сојузништво на моќните нации и држави членки“.
„Силна ЕУ изградена на силни држави членки. Тоа е нашиот став. Не е потребно да се носат овластувања на ниво на Брисел, ние мора да ги зајакнеме земјите членки“, рече Сијарто.
Според неговите зборови, по прашањето за миграциите, исто така, постојат сериозни несогласувања меѓу државите членки, а Унгарија има една многу силна антимиграциска политика. Како што изјави, оваа политика значи дека на нелегалните мигранти не им е допуштен влез на територијата на Унгарија.
„Ние имаме поразличен пристап. Нашиот пристап е дека треба да доставиме помош таму каде што помошта е потребна и дека не треба да носиме проблеми. Затоа, наместо да ги охрабрувате луѓето да патуваат во Европа преку Турција, треба да ги подобрите нивните услови за живот и да им помогнете да останат дома“, рече Сијарто.
Накратко се осврна и на пандемијата на Ковид-19 и изјави дека некои земји немилосрдно ја критикувале одлуката на неговата земја за воведување вонредна состојба, но додаде и дека постоеле и земји, како Турција, кои ѝ помогнале на неговата земја во овие тешки моменти.