Behlül Çetinkaya
12 Август 2022•Ажурирај: 15 Август 2022
АНКАРА (АА) – Словенечкиот претседател Борут Пахор во интервју за Агенција Анадолија (АА) изјави дека доколку се погледне долгорочно, единствен начин за решавање на проблемите на Западен Балкан е забрзување на процесот на членство на земјите во Европската Унија. Доколку Србија одлучи да заземе друга страна, иднината на Република Српска во Босна и Херцеговина може да добие поинаков моментум.
Пахор деновиве престојуваше во официјална посета на Анкара, каде што се состана со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и учествуваше на конференцијата на амбасадори што се одржа во турската престолнина. Пахор одговараше на прашањата на АА за настаните на Западен Балкан, како и за Руско-украинската војна.
Потсетувајќи дека и Балканот страда од слични конфликти, Пахор рече дека долго време се обидува да го сврти вниманието на своите колеги во НАТО и ЕУ на настаните на Западен Балкан.
„Некои земји се под директен притисок од Русија“, предупреди Пахор.
Нагласувајќи дека и Србија е под голем притисок да ги спроведе санкциите на Западниот блок и ЕУ, Пахор потсети дека процесот за членство на Србија во ЕУ продолжува и се заложи за забрзување на процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.
Пахор рече дека придава значење на членството во ЕУ за да се покаже на чија страна се сите земји, вклучително и Србија.
„Доколку Србија одлучи да заземе друга страна, иднината на Република Српска во Босна и Херцеговина може да добие поинаков моментум“, предупреди Пахор.
Тој нагласи дека сака што поскоро да ги види сите земји од Западен Балкан во ЕУ и рече:
„Единствено решение е да се забрза процесот за членство во ЕУ. Мислам дека ЕУ треба да стори повеќе. Сличен процес гледаме во односите меѓу Косово и Србија, како и во тензијата меѓу одредени етнички групи во Босна и Херцеговина, каде што со нетрпение се очекуваат избори. Долгорочно гледано, единствен начин на решавање на овие проблеми е забрзување на процесот на членство во ЕУ.“
– „Западниот Балкан ќе биде уште повеќе изложен на Русија доколку НАТО продолжи да чека“ –
Пахор, исто така, нагласи дека треба да има слично забрзување на влезот на Босна и Херцеговина во НАТО и рече:
„Сакам Босна и Херцеговина да стане следната членка на НАТО. Членството на Босна и Херцеговина во НАТО е важно за промената на трендовите на Западен Балкан.“
Истакнувајќи дека работи и на тоа Босна и Херцеговина да добие статус на кандидат за членство во ЕУ до крајот на годинава, Пахор ја истакна важноста на почетокот на преговорите меѓу Северна Македонија и Албанија за Западен Балкан.
Тој рече дека на Западен Балкан постојат исто толку можности колку и проблеми.
„Регионот ќе оди или на едната или на другата страна. Во овој момент, акциите на НАТО се од големо значење. Доколку продолжи да чека, Западен Балкан ќе биде уште повеќе изложен на Русија и може да има проблеми“, рече словенечкиот претседател.
– „Фала му на Бога што Туркије е членка на НАТО“ –
Говорејќи за стратешкото значење на Туркије, Пахор рече дека документот за стратешко партнерство што Туркије и Словенија го потпишаа во 2011 година укажува на важноста што двете земји си ја придаваат една на друга.
„Туркије е многу важна. Исто така е многу важна и геополитички. Фала му на Бога што Туркије е членка на НАТО. Придавам важност и на иднината на НАТО и на фактот дека Туркије, Шведска и Финска потпишаа договор за членство на двете земји“, додаде Пахор.
Тој се осврна и на тензиите меѓу Белград и Приштина.
„Го поддржувам дијалогот меѓу Косово и Србија од самиот почеток. Тоа е тешко прашање, но во моментов постои голем проблем со довербата меѓу страните. Во контакт сум со двете страни и гледам колку е тешко со таа недоверба. Неодамна бевме сведоци на настан за кој стравуваме дека ќе се зголеми уште повеќе. Доколку не постои силен дијалог, секогаш постои ризик од вакви настани кои можат да ги зголемат тензиите. Во моментов нема силен дијалог. Се обидувам да ги охрабрам страните да дадат сѐ од себе затоа што мировниот договор меѓу Белград и Приштина е важен не само за мирот и стабилноста на двете земји, туку и за целиот регион“, рече Пахор.
Говорејќи за војната во Украина, Пахор рече дека е задоволен од духот на единството што го покажа Западот во лицето на оваа војна.
„Мислам дека направивме грешка по анексијата на Крим. Имаше некои санкции, точно е, но тоа е сѐ. Тоа не беше радикален пакет санкции. Тоа беше погрешен сигнал за [заб. на авт., рускиот претседател Владимир] Путин дека ако работи она што тој го сака, може да има незначителни последици. Затоа сакавме оваа грешка да не се повтори на 24 февруари“, изјави Пахор.
Истакнувајќи дека на почетокот на војната во Украина, во практика стапиле заострените пакет санкции против Русија, Пахор рече: „...Претставивме заострен пакет санкции и го зачувавме нашето единство. Овде имаме голем товар на рамениците, но сме во солидарност.“