11 Јули 2024•Ажурирај: 12 Јули 2024
ПОТОЧАРИ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес, по повод одбележувањето на 29-годишнината од геноцидот во Сребреница, изјави дека целиот свет минува низ тест на хуманост и искреност, јавува Анадолу.
„Денес ја одбележуваме 29-годишнината од геноцидот во Сребреница, кој остави црна дамка во историјата на човештвото“, рече Ердоган во видеопораката емитувана на комеморацијата во Поточари, која ја најави министерот за правда на Туркије, Јилмаз Тунџ, претставник на земјата на годинашната комеморација.
На овој тажен ден, како што рече Ердоган, „уште еднаш, во мое име и во името на мојот народ, изразувам искрено сочувство до семејствата на нашите шехиди и до сите наши бошњачки браќа и сестри“.
Тој ја истакна важноста на зачувувањето на сеќавањето на мудроста и горчливата вистина во зборовите на покојниот Алија Изетбеговиќ, првиот претседател на Босна и Херцеговина, голем државник со големи идеи и движења, кој рече: „Што и да правите, не заборавајте го геноцидот затоа што геноцидот што е заборавен, ќе се повтори!“
„Нема да ја заборавиме Сребреница и нема да дозволиме да биде заборавена за да не се повтори слично злосторство никаде во светот“, рече Ердоган и додаде:
„Се молам душите на нашите шехиди да почиваат во мир и да бидат во рајот. Го молам милиот Бог да ги почести сите наши шехиди со својот рај и неговата убавина. Свесни сме дека болката на нашите мајки и сестри што ги загубија своите најблиски во Сребреница е свежа како вчера. Од Бога бараме да им даде трпение на семејствата на нашите шехиди и на нашите браќа и сестри Бошњаци кои доживуваат повторна болка секој 11 јули.“
- Одговорните за варварството во Газа порано или подоцна ќе одговараат -
Турскиот претседател потсети и на нацрт-резолуцијата за геноцидот во Сребреница усвоена од Генералното собрание на Обединетите нации.
„Како што знаете, нацрт-резолуцијата за прогласување на 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница, еден од коподносителите е Туркије, беше прифатена на Генералното собрание на Обединетите нации на 23 мај. Им се заблагодарувам на сите што придонесоа во сите фази на оваа одлука, од нејзината подготовка до нејзиното усвојување. Сметаме дека оваа одлука треба да послужи како пример за да не се повтори темнината слична на геноцидот во Сребреница никаде во светот“, рече Ердоган.
„Сепак, денес палестинскиот народ во Газа и окупираните палестински територии се изложени на злосторства слични на злосторствата доживеани во Сребреница пред 29 години. Меѓународните институции и организации само го следат убиството на околу 40 илјади невини луѓе, вклучително и 16 илјади деца, исто како и пред 29 години“, рече Ердоган со порака дека целиот свет минува низ тест на хуманост и искреност.
„Оние што се одговорни за варварството во Газа порано или подоцна ќе одговараат пред меѓународното право, исто како и во Сребреница. Туркије ќе продолжи да прави сѐ за да се погрижи правдата да биде задоволена и сторителите на геноцидот да одговараат“, изјави турскиот претседател.
- „Очекуваме локалните власти да ги заштитат повратниците“ -
Ердоган изрази жалење за негирањето на геноцидот во Сребреница и величањето на воените злосторници.
„Тука уште еднаш сакам да го изразам своето жалење за постоењето на оние што продолжуваат да го негираат геноцидот во Босна и Херцеговина и да ги величаат воените злосторници и покрај пресудите на меѓународните судови. Ние, исто така, со загриженост ги следиме нападите и малтретирањето на луѓето што по војната се вратија во своите домови. Од локалните власти очекуваме да го извршат својот дел од работата, секој граѓанин на Босна и Херцеговина, без оглед на етничката припадност, да се чувствува безбедно таму каде што живее.“
За да се одржи постојан мир и стабилност во Босна и Херцеговина, како што рече Ердоган, мора целосно да се напушти секој вид говор на омраза и „мора да бараме начини за ширење на културата на мир, толеранција и помирување“.
„Наша искрена желба е во Босна и Херцеговина да завладее внатрешен консензус што ќе ги опфати сите сегменти. Секој треба да има на ум дека никој ќе нема корист од конфликти и тензии“, рече Ердоган.
Туркије, како што порача тој, ќе продолжи да прави сѐ Босна и Херцеговина да се трансформира во место на стабилност, мир и просперитет.
„Секогаш ќе продолжиме да ја даваме нашата безусловна поддршка за територијалниот интегритет, политичкото единство и суверенитет на Босна и Херцеговина. Сакаме вашите срца да се чувствуваат мирно. Завршувајќи ги моите зборови со овие мисли, сакам уште еднаш да посакам божја милост за нашите шехиди од Сребреница и со почит се поклонуваме на нивниот спомен“, заклучи Ердоган во видеопораката на комеморацијата во Поточари, каде што денес ќе бидат погребани уште 14 жртви од геноцидот во Сребреница.