ИСТАНБУЛ (АА)
- Хилми СЕВЕР
Абел Шавије, еден од поранешните играчи на Галатасарај и на репрезентацијата на Португалија, истакна дека деновите што ги поминал во Истанбул целосно го промениле неговото гледиште за исламот и имале големо влијание врз неговото прифаќање на религијата ислам.
Во репортажата за дописникот на Агенција Анадолија (АА), Шавије истакна дека неговиот трансфер во Галатасарај во сезоната 2002/2003 и неговиот престој во Турција за него биле благослов во однос на запознавањето со исламот.
„На северот на Мозамбик, каде што сум роден, има многу муслиманско население, но во моето семејство имаше и христијански католици. И јас бев католик. Знаев за исламот, но не е доволно само да знаеш, понекогаш мораш да го живееш тоа. Моја среќа е да играм во Галатасарај, Турција. Играњето фудбал во Турција целосно ми ја промени перспективата за исламот. Исламот подобро го запознав во Истанбул. Откако го напуштив фудбалот, со прес-конференција соопштив дека станав муслиман. Кога играш фудбал некои работи не можеш да ги истакнуваш, затоа што си фокусиран да играш фудбал. Важната работа во животот е да живеете во мир и спокојство.“
Наведувајќи дека слушањето на повикот за молитва петпати на ден во Истанбул му дава мир, португалскиот фудбалер рече: „Не ги разбирам целосно зборовите бидејќи молитвата е на арапски, но се чувствувам многу опуштено и мирно додека го слушам повикот за молитва. Езанот ме опушта. Иако не го разбирам јазикот, неговиот тон многу ме опушта. Бев среќен што често го слушав езанот во Истанбул. Почувствував колку е мирна и утешна религијата ислам. Во исламот најдов мир и слобода.“
Шавије посочи дека живеел во многу различни земји и благодарение на фудбалот ги отворил хоризонтите, и рече: „Моето преминување во ислам го нарекувам повторно откривање. Благодарение на исламот, повторно се открив себеси. Споделувањето е важно за мене, исламот е религија на споделување. По фудбалот, во Обединетите Арапски Емирати останав многу долго. Имам многу блиски пријатели од семејството Емир. Поминав долго време со нив, споделив многу работи. Најважно за една личност е да се чувствува удобно и слободно додека ја живее својата религија. Тоа го најдов во исламот. Всушност, јас сум сѐ уште истата личност, но благодарение на исламот, мојата перспектива на работите во светот ми стана поинаква и подобра. Затоа оваа ситуација ја нарекувам повторно откривање на себеси.“
Наведувајќи дека во Португалија немал никаква реакција за изборот на исламот, Шавије рече:
„Португалија е мултикултурна земја која ги отвора вратите за сите. Не добив никаква реакција кога објавив дека станав муслиман. Многу ме критикуваа кога косата ја фарбав во сина (жолта) боја. И денес луѓето ме знаат по бојата на косата. Но во минатото бев критикуван за косата. На ЕУРО 2000, откако со рака ја допрев топката упатена од Вилторд во судиското продолжение од последниот полуфинален натпревар, го загубивме натпреварот со пенал, а голот го постигна Зидан. Во тоа време бев критикуван за мојот изглед, ја истакнуваа бојата на косата. Но мене не ми е важно што мислат луѓето, туку колку јас сум среќен.“
Шавије истакна дека иако изгледа како многу луда личност, никогаш на теренот не направил луд потег.
„Ако разговарате со тренерите со кои сум работел, сите ќе го речат следното: ’Абел Шавије е вреден човек, тој е голем професионалец.‘ Секогаш бев професионалец. Понекогаш играв лошо, но секогаш давав сѐ од себе. Најголемото нешто што сум го направил и кое може да се нарече лудо е тоа што како Африканец косата ја фарбав сина. Тоа не беше прифатливо кај Африканците. Може да се нарече лудо, но не треба една личност да се суди според облеката што ја носи или според бојата на косата. Важно е тоа што го имате внатре во вашата глава. Сега јас така гледам на сите луѓе. Сега со фудбалерите се прават и договори за имиџот. Фудбалерите заработуваат и од правата на имиџот. Јас имав имиџ каков што немаше никој пред 22 години, но не заработив пари (се смее)“, рече португалскиот фудбалер.
Абел Шавије, истакнувајќи дека неодамна бил тренер на репрезентацијата на Мозамбик, рече дека една од неговите најголеми цели е да биде тренер во Галатасарај.
Наведувајќи дека за време на епидемијата престанал да работи како тренер за да минува повеќе време со семејството, тој рече: „Кога ќе ја погледнете мојата кариера, ќе видите дека играв во многу важни тимови како што е ПСВ, Галатасарај, Бенфика, Рома, Ливерпул. Овие искуства сакам да ги пренесам како тренер. Една од моите најголеми желби е да работам во Турција. Би сакал да бидам тренер на Галатасарај. Португалски тренери ги тренираа Фенербахче и Бешикташ, се надевам дека и јас ќе бидам тренер на Галатасарај.“
Португалскиот фудбалер рече и дека има многу поинаква врска со навивачите на Галатасарај, и нагласи: „Луѓето беа многу искрени и многу пријателски настроени кон мене. Тие не ми пристапија само како на играч, тие ме сакаа многу. Оваа чиста љубов многу ме импресионира. Затоа велам, Турција е мојот втор дом.“
Наведувајќи дека не може да ја заборави страста во Галатасарај, Абел Шавије додаде:
„Кога играв во Ливерпул, Галатасарај беше во нашата група во Лигата на шампионите. Тоа беше многу тешка група; покрај нас во групата беа Барселона и Рома. Натпреварот го игравме на „Али Сами Јен“, стариот стадион на Галатасарај. Додека се загревавме, на трибините го видов транспарентот „Добре дојдовте во пеколот“. Беше многу импресивна атмосфера. Навивачите беа многу бучни. Еднаш си помислив: ’Се надевам дека еден ден ќе можам да играм и за Галатасарај.‘ Гласот на навивачите и поддршката што ја дадоа беше неверојатна. Желбата да играм во Галатасарај ми се исполни една година подоцна. Фатих Терим ме сакаше мене и Руи Коста, со кого претходно работеше во Милан и Фиорентина. Дојдов од Ливерпул на позајмица. Не можам да го заборавам пречекот на Аеродромот „Ататурк“ и дербито со Фенербахче.“
Подвлекувајќи дека никогаш не сакал да го напушти Галатасарај, Шавије нагласи:
„Во Галатасарај бев многу среќен. Му кажав на Фатих дека сакам да останам. Се договорив и со Ливерпул. Ќе играв уште три години во Галатасарај, сакав да ја завршам кариерата во Галатасарај. Но тренерот Фатих Терим го претпочита Франк де Бур, кој тогаш ја напушти Барселона. Не можев да продолжам. Имавме многу искрена и убава соработка со Фатих Терим. Галатасарај се соочуваше со економски тешкотии. Фатих Терим ме гледаше како еден од лидерите на екипата. Имавме неверојатна врска, но таков е фудбалот. Многу сакав да ја завршам кариерата во Галатасарај, но тоа не се случи. Сѐ уште ми е жал за тоа. Се вратив во Англија, а потоа ја завршив кариерата во МЛС-лигата заедно со фудбалерот Дејвид Бекам.“
Истакнувајќи дека Фатих Терим е многу важно име не само за Галатасарај туку и за турскиот фудбал, Шавије рече: „Фатих Терим е важна фигура на меѓународната сцена со својата харизма, историја и достигнувања за турскиот фудбал. Во моментов нивните патишта се разделија, но во иднина повторно ќе биде тренер. Тој може да се врати, па дури и да стане претседател на Галатасарај. Секогаш ќе биде во фудбалот. Имам голема почит кон него, се надевам дека ќе се сретнеме повторно. Ми испрати и порака кога го напуштив Галатасарај.“
Наведувајќи дека имало многу добри играчи во тимот кога играл во Галатасарај, Шавије додаде: „Имаше многу добар голман, тоа беше Мондрагон. Имаше многу добри имиња како капитенот Булент Коркмаз, Ергун, Хасан Шаш. Беше многу добар тим, имаше многу лидери. Поголемиот дел од играчите беа играчите со кои Фатих Терим го освои Купот на УЕФА. Мислам дека тогаш најголемиот проблем беше во тоа што некои играчи веќе беа повозрасни, а со тоа ја губеа и силата. Транзицијата меѓу младите и искусни играчи не беше многу добро воспоставена.“
news_share_descriptionsubscription_contact
