ЊУЈОРК (АА) - Најдобриот стрелец и еден од најдобрите кошаркари во историјата на Американската кошаркарска лига (НБА), Карим Абдул Џабар, изјави дека знае да го препознае успехот кога ќе го забележи и тврди дека такво нешто не забележува кај Доналд Трамп, републиканскиот кандидат на изборите за претседател на САД што ќе се одржат на 8. ноември.
Во ексклузивното интервју за Anadolu Agency (AA), кошаркарската легенда, активист за човекови права и критичар на малигните појави во американското опшество, Абдул Џабар, се запраша како е можно некој како Трамп и понатаму да се бори за фотелјата во Овалната соба, за претседател на САД.
„Доналд Трамп несомнено се докажа како расист, женомрзец, хомофоб, ксенофоб и како неинформирана и неразбирлива личност со слаб темперамент. Сите овие карактеристики би требало да го дисквалификуваат од трката за претседател на САД. Воедно, збирот од тие лоши карактеристики го дисквалификуваат и од заедницата на добри луѓе“, рече 69-годишниот Абдул Џабар.
- Најстрашна предизборна кампања
До изборите во САД останаа уште две недели, а поголемиот дел од Американците повеќе се радуваат на крајот на горчливата предизборна кампања, отколку на чинот на остварување на гласањето, кој тешко го стекнале. Еден од таквите е и Абдул Џабар.
„Ова е најстрашната и најнастраната предизборна кампања во мојот живот“, рече Абдул Џабар и додаде дека е можно да дојде до пресврт во судбината на новомилениумската „генерација З“, која од виденото можела појасно да ги препознае вистинските проблеми и предизвици на американското општество.
Абдул Џабар понатаму тврди дека оваа предизборна кампања во историјата на САД ќе биде забележана како кампања во која, во трката за претседател на најмоќната светска сила влегле најмногу неквалификувани и недораснати кандидати кои биле поразени и кои ќе останат запаметени само по невкусните шеги што ги кажувале, како што тоа некогаш го правел шутот во кралските дворови.
Абдул Џабар укажа на анкетните истражувања коишто предвидуваат дека кандидатка на демократите, Хилари Клинтон, има предност во однос на својот опонент Трамп, и рече дека голема улога во конечниот резултат на изборите ќе имаат младите. Исто така, тој истакна дека сѐ упатува на фактот оти ќе се повторат изборите од 2012 година, кога 60 отсто од младите гласаа за Барак Обама, тогашен кандидат на демократите и денешен актуелен жител на Белата куќа.
Истакнувајќи дека и двете страни во текот на кампањите правеле грешки и ги откривале своите слабости, Абдул Џабар смета дека Трамп во тој дел предводел во текот на целата кампања, а својот врв го постигнал при откривањето на своите сексуални скандали и својот „валкан“ однос кон жените.
Актуелниот претседател на САД, Барак Обама е првиот Афроамериканец во Овалната соба, а Хилари Клинтон е актуелна кандидатка на демократите, која би можела да стане првата жена на највисоката фунција во САД.
„Она што Обама го направи кога се во прашање расизмот и разбивањето на стереотипите, очекувам да го направи Хилари Клинтон кога е во прашање рамноправноста меѓу половите, што во САД не е ништо помал проблем од расизмот“, порача Абдул Џабар.
- Трамп направи и едно добро
Абдул Џабар особено му замерил на републиканскиот кандидат Трамп за изјавата за забрана на влезот на сите муслимани во САД, како и неговите исламофобни и ксенофобни напади и навреди што ги упатил кон семејството Кан, кон родителите на американскиот херој Хумајун Кан, кој загинал спасувајќи ги колегите од американската војска во акцијата изведена во 2004 година во Ирак.
Истакнувајќи дека бил многу бесен по навредите на Трамп упатени на сметка на семејството на Кан, Абдул Џабар рече дека храбриот став на семејството Кан го поттикнал поактивно да се вклучи во кампањата за да се порази Трамп на изборите.
„Трамп ми личи на кавгаџија од вестерн филмовите, кој на граница на линч ги провоцира гостите во кафеана. Единствено добро нешто што направи Трамп во предизборната кампања е тоа што ја покажа големината на проблемот со исламофобијата и потребата за негово решавање. Тоа ќе ни помогне во иднина да се справиме со тие работи“, рече Абдул Џабар.
Абдул Џабар е познат како гласен активист во заштитата на човековите права и во борбата против расизмот, проблеми коишто ескалираа во изминатите неколку месеци во САД, особено во случаите на неразјаснетите убиства на Афроамериканците во полициските акции на целата територија на САД.
„Во текот на мојата кошаркарска кариера трпев многубројни расистички напади и навреди. Навредите се интензивираа кога прејдов во ислам. Многумина ми замерија за тоа и ме обвинуваа дека ги одбивам американските вредности, а јас тоа го гледам како израз на слобода и дар од тие американски вредности“, кажа Абдул Џабар.
- Разисмот е како термит
Предупредувајќи ја јавноста дека историјата мора внимателно да се чита и во неа да се препознае сржта на проблемот, Абдул Џабар рече дека расизмот е како еден вид организам што постојано се бори за опстанок во општеството и дека не смее да се помисли дека станува збор за проблем што постоел само во минатото.
„Многумина велат дека робовладетелството е завршено, дека е укинат законот на Џим Кроу, кој ги раздвојува белите и црните луѓе во возилата за јавен превоз. Велат дека е завршена отворената сегрегација, со што е завршен и расизмот. Меѓутоа, расизмот се вовлекол многу подлабоко во порите на општеството, како некој термит во темелите и во структурата на куќата. Тие термити се во нашите ѕидови, нашата водоинсталација, во полициско насилство, дискриминацијата, на работните места, во образованието...“, рече Абдул Џабар.
Како долгогодишен активист за заштита на човековите права, Абдул Џабар за Anadolu Agency рече дека во два чекора гледа јасен и ефикасен план за надминување на проблемите на расизмот во САД.
„Прво, мораме да откриеме каде се крие расизмот, за да го видат и американските белци, да признаат дека тој постои и да ни се придружат во борбата за неутрализација на тој проблем. Второ, обоените луѓе мораат заеднички да работат за да можат со политички притисок да ги добијат потребните законски реформи и пракса на работните места, кои се наши најболни проблеми“, изјави Абдул Џабар.
- Горд на Обама и на Мухамед Али
Абдул Џабар е особено горд на Барак Обама, кој стана првиот црномурест претседател на САД, Тој со својата борба, достоинство и сила покажа дека ниту една позиција во САД не е недостижна за обоените Американци.
Џабар додаде дека Обама станал инспирација многумина да се борат за своите права, токму како што инспирација претставува ликот и делото на починатиот боксерски шампион Мухамед Али.
„Мухамед Али сите нас нѐ учеше дека совеста е многу поважна од трговијата. Тој инспирираше многумина, црни и бели, да не се плашат од никого и да зборуваат за вистинските права и причини. Тој беше првиот глас на протестот на една цела генерација којашто беше против војната во Виетнам и расната нееднаквост“, рече Абдул Џабар.
Џабар рече дека Мухамед Али бил врвен спортист и голем човек кој сите ги охрабрувал дека мораат да се борат до својот максимум, и да не се задоволуваат со просечноста
„Мухамед Али беше пример за Афроамериканците и за американските муслимани, на кои им покажа дека мораат да бидат горди на своето потекло, на својот избор и да не дозволат некој да ги малтретира поради нивниот избор во животот“, заклучи Абдул Џабар.
- Малколм Х како инспирација
Роден како Фердинанд Луис Алсиндор Јуниор, во 1947 година во Њујорк, славниот НБА кошаркар во својата 24. година премина во ислам и го смени името во Карим Абдул Џабар. Во текот на својата дводецениска кариера, тој освои шест титули првак на НБА, постигнувајќи 38.387 поени, бројка којашто претставува рекорд во НБА што никој досега не успеал да го урне.
На прашањето на дописникот на АА за причините што го навеле да ја смени верата и да премине во ислам, Абдул Џабар изјави дека инспирација му бил Малколм Х.
„Читајќи ја автобиографијата на Малколм Х, бев инспириран од неговиот пример како од живот полн со криминал, благодарение на исламот успеал да тргне по патот на духовниот мир и да стане човечки и политички лидер“, рече Абдул Џабар.
Истакнувајќи дека преминот во ислам му донел духовен мир, додаде дека тоа имало голема улога и во остварувањето на успехот во неговата кошаркарска кариера. Го направило подобар човек, кој се бори против неправдите во општеството. Тој рече дека поради исламот бил критикуван и отфрлен од дел од навивачите, но додаде дека тоа биле оние лица што немале никакви познавања за исламот.
„Исламот е вера којашто луѓето ги упатува на мир и толеранција“, рече Абдул Џабар и додаде дека злонамерните кругови секогаш се обидуваат да манупулираат со сите големи вери, криејќи ги основните вредности што тие ги застапуваат.
- Странските кошаркари во НБА се доказ за глобализацијата на кошарката
Еден од најголемите кошаркари на сите времиња, Абдул Џабар, и денеска активно ги следи настаните во светот на кошарката. Тој за дописникот на АА изјави дека е среќен што кошарката се развила и станала популарна во целиот свет.
„Има сѐ поболем број странски кошаркари во НБА. Тоа не значи дека Америка има проблем со развојот на младите и врвни кошаркари, туку ја покажува глобализацијата на кошарката и нејзината раширеност во светот. Конкуренцијата е добра и не смее да се ограничува. Успеси се постигнуваат со најдобрите кошаркари, без разлика од каде доаѓаат тие“, изјави кошаркарската легенда Карим Абдул Џабар во ексклузивното интервју за Anadolu Agency.
news_share_descriptionsubscription_contact
