Adel Ömeragiç
27 Октомври 2016•Ажурирај: 27 Октомври 2016
БУДВА (АА) - Претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ очекува во колку што е можно пократок рок да се конституира црногорското Собрание, за да го предложи мандатарот за составот на новата Влада откако ќе завршат разговорите со претставниците на политичките партии, јавува Anadolu Agency (AA).
На конференцијата за економија во Будва, Вујановиќ пред новинарите изјави дека изборната волја ги обврзува сите политички актери и дека таа мора да се почитува.
„Очекувам да се испочитуваат роковите во сѐ. Наш интерес е колку што е можно побрзо да се конституира Собранието, да се избере Владата и да го продолжиме она што е стратешки интерес на Црна Гора, а тоа се европските и евроатлантските интеграции, унапредување на нашата економија, подобрување на амбиентот за инвестиции и подобрување на квалитетот на животот на сите наши граѓани. Затоа, добро е колку што може побрзо да се избере Владата. Очекувам да се испочитуваат сите рокови, и што се однесува до мене, веднаш по конституирањето на Собранието ќе започнам консултации со претставниците на парламентарните партии и во најкраток рок ќе го предложам мандатарот“, изјави Вујановиќ.
На прашањето како ја коментира одлуката на опозицијата да не ги признае резултатите на изборите, поради обидот за „државен удар“ на денот на изборите, Вујановиќ истакна дека изборната волја на граѓаните мора да се испочитува.
„Убеден сум дека опозицијата ќе има однос кон изборите кој е во функција на она што е волјата на граѓаните. Во таа смисла, проценувам дека набрзо ќе имаме конституиран Парламент и Влада, што е важно за функционирање на државата во целина. Изборната волја на граѓаните ги обврзува сите, треба да ја почитуваме“, изјави Вујановиќ.