Dejan Maksimovic
14 Декември 2023•Ажурирај: 14 Декември 2023
АНКАРА (АА)
Фудбалерите на Милан во многу возбудлив расплет во групата Ф не успеаја да се пласираат во осминафиналето на Лигата на шампиони, и покрај победата на гостувањето во Њукасл од 1:2. Се покажа дека нерешениот резултат (1:1) против Борусија Дортмунд на Париз Сен Жермен (ПСЖ) му беше доволен за пласман во наредната фаза на Лигата на шампиони, јавува Анадолу.
Милан направи извонреден пресврт на Сент Џејмс парк, откако Њукасл поведе со 1:0 во 33. минута благодарение на голот што го постигна Џолинтон. Гостите во продолжението заиграа значително подобро и направија пресврт. Прво Кристијан Пулишиќ го изедначи резултатот на 1:1 во 59. минута, а конечните 1:2 ги постави Самуел Чуквуезе во 84. минута. Милан имаше можност да извојува и поубедлива победа, но Рафаел Леао, напаѓачот на гостите, ја погоди стативата. Милан со овој триумф сепак се збогува од ова европско фудбалско елитно натпреварување и натпреварите ќе ги продолжи во Лига Европа.
Во Дортмунд пласманот на ПСЖ во наредната фаза висеше на конец, бидејќи Борусија поведе со 1:0 во 51. минута преку Карим Адејеми. Сепак, пет минути подоцна, ПСЖ се врати во живот благодарение на погодокот што го постигна Ворен Заир-Емери за изедначување на резултатот на 1:1. Се покажа дека овој гол му донесе на ПСЖ пласман во осминафиналето на УЕФА Лигата на шампиони.
Атлетико Мадрид во групата Е, во натпревар без резултатско значење на домашен терен со 2:0 го совлада Лајпциг. Стрелци на Атлетико беа Антоан Гризман во шестата и Самуел Лино во 51. минута.
Резултати од синоќа одиграните натпревари на шестото коло:
Група Е
Атлетико Мадрид - Лацио 2:0
Селтик - Фејенорд 2:1
Група Ф
Борусија Дортмунд - ПСЖ 1:1
Њукасл - Милан 1:2
Група Г
Лајпциг - Јанг Бојс 2:1
Црвена Звезда - Манчестер Сити 2:3
Група Х
Антверпен - Барселона 3:2
Порто - Шахтјор 5:3
Во нокаут-фазата на УЕФА Лигата на шампиони пласман изборија: Баерн Минхен, Арсенал, ПСВ Ајнховен, Реал Мадрид, Интер, Реал Сосиедад, Копенхаген, Наполи, Манчестер Сити, Барселона, Атлетико Мадрид, Борусија Дортмунд, Лајпциг, Лацио, ПСЖ и Порто.
Ждрепката на паровите од осминафиналето на Лигата на шампиони ќе се одржи на 18 декември во Нион.