Selçuk Buğra Gökalp
14 Декември 2023•Ажурирај: 16 Декември 2023
МЕЛБУРН (АА) – Меѓународната крикет федерација не му дозволи на австралискиот репрезентативец Усман Каваџа да носи копачки со порака за поддршка на Палестина на подготвителниот натпревар против Пакистан, јавува Анадолу.
Каваџа сакаше да игра во копачки на кои пишуваше „Сите животи се еднакви“ и „Слободата е човеково право“, но челниците на спортот не му дозволија да го стори тоа бидејќи го протолкуваа како политичка порака.
„Ги почитувам ставот и одлуката на Меѓународната федерација на крикет, но ќе се борам против тоа и ќе се обидам да добијам одобрение“, рече 36-годишниот Каваџа во видеото на Инстаграм.
Крикет сојузот на Австралија ја поддржа одлуката на Меѓународната крикет федерација, иако неодамна изјави дека го поддржува правото на играчите да ги изразат своите лични мислења.
За овој случај се огласи и австралиската министерка за спорт, Аника Велс.
„Усман Каваџа е голем спортист и голем Австралиец. Тој треба да има целосно право да зборува за работи што му се важни. Тој го направи тоа на мирен начин со почитување“, рече австралиската министерка за спорт.
Израел го бомбардира Појасот Газа од воздух и од копно, воведе опсада и изврши копнена офанзива како одмазда за прекуграничниот напад на палестинската група на отпорот Хамас на 7 октомври.
Најмалку 18.608 Палестинци оттогаш се убиени, а 50.594 се повредени во израелските напади, според здравствените власти на Газа.
Официјалната бројка на загинати Израелци во нападот на Хамас изнесува 1.200, додека околу 139 заложници остануваат во заробеништво, според официјалните податоци.