спорт

Погба: „Не се почитувавме себеси, клубот и навивачите“

„Начинот на којшто игравме, почнувајќи од мене, па до сите останати, е непочитување. Сѐ тргна наопаку, но менталитетот на теренот мора да се промени“, самокритичен е францускиот фудбалер

Dejan Maksimoviç  | 23.04.2019 - Обновена : 27.04.2019
Погба: „Не се почитувавме себеси, клубот и навивачите“

МАНЧЕСТЕР (АА) - Фудбалерите на Манчестер Јунајтед во неделата во Премиер лигата одиграа очаен натпревар во кој на гости кај Евертон беа поразени со резултат 0:4. Пол Погба, еден од најскапите фудбалери на денешницата, изјави дека изданието на „Гудисон парк“ било непочит кон себеси, кон клубот и навивачите, пренесува Anadolu Agency (AA).

Тоа беше трет пораз на Јунајтед во Премиер лигата во последните пет натпревари и најлошото издание откако на клупата стигна Оле Гунар Солскјер. Сепак, благодарение на другите резултати, Манчестер и понатаму е на само 3 бода од пласманот во Лигата на шампиони.

„Начинот на којшто игравме, почнувајќи од мене, па до сите останати, е непочитување. Сѐ тргна наопаку, но менталитетот на теренот мора да се промени“, самокритичен е францускиот фудбалер.

Утре пред Јунајтед е големото дерби против градскиот ривал Манчестер Сити, кому неопходен му е триумфот во трката за титулата шампион со Ливерпул. Потоа следуваат дуели со Челзи, Хадерсфилд и со Кардиф.

„Навивачите сакаат реакција на играчите и единствен начин да им се извиниме е да дадеме сѐ од себе на теренот. На тој начин треба да им се извиниме на навивачите, да дадеме сѐ за клубот, за дресот, за соиграчите и за себе, бидејќи не можеме да настапуваме како што тоа го правевме. Можеме да изгубиме натпревар, но со добра игра и гордост. Кога го носите овој дрес, мора да работите и да ја почитувате културата и историјата на овој клуб и да дадете сѐ од себе. Не се почитувавме себе, клубот и навивачите. Она што го правевме на теренот не е чесно кон соиграчите, персоналот, луѓето, кон сите“, заклучи Погба во изјава за британските медиуми.

Големото дерби Манчестер ќе го игра утре на „Олд Трафорд“ со почеток во 21:00 часот. Сити е втор на табелата со 86 бода, два помалку од лидерот Ливерпул, но и со натпревар помалку. Јунајтед ја зазема шестата позиција со 64 бода, додека пред него се Тотенхем и Челзи со по 67, и Арсенал со 66 бода.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.