Ekipa
19 Јуни 2019•Ажурирај: 20 Јуни 2019
ПАРИЗ (АА) - Поранешниот претседател на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА), Мишел Платини, е пуштен рано утринава од притвор откако беше испрашан во рамките на истрагата за корупција околу организацијата на Светското првенство 2022 година во Катар, пренесува Anadolu Agency (AA).
Платини вчера беше уапсен во рамките на истрагата за корупција за време на процесот на кандидатура и доделување на домаќинството на Светското првенство 2022 година. Некогашниот капитен на фудбалската репрезентација на Франција е спроведен во Канцеларијата на антикорупциската правосудна полиција во Нантер, гратче на периферијата на Париз.
Поранешниот претседател на УЕФА негираше каква било одговорност за прекршоците, а француските власти не подигнале обвинение против него.
„Беше долго, но со оглед на бројот на прашањата не можеше да биде поразлично. Ме испрашуваа за Европското првенство 2016 година. Светското првенство во Русија, Светското првенство во Катар, Париз Сен Жермен, ФИФА“, изјави Платини по излегувањето од затворот.
Во рамките на истрагата приведени се и Софи Дион, советничката на поранешниот француски претседател, Никола Саркози, и Клод Геан, неговиот секретар.
Платини беше претседател на УЕФА од 2007 до 2015 година, кога му беше изречена забрана за извршување на каква било функција во фудбалот од страна на Етичкиот комитет на Светската фудбалска федерација (ФИФА). Имено, 63-годишниот Платини бил вклучен во корупциски случај во ФИФА. Според наводите на Швајцарското обвинителство од Сеп Блатер, претседателот на ФИФА примил „нелегална исплата“ од два милиони долари (околу 1,8 милиони евра).