Fatih Erel
09 Мај 2016•Ажурирај: 09 Мај 2016
ЛОЗАНА (АА) - Меѓународниот суд за спортска арбитража во Лозана (CAS) ја намали казната на претседателот на Европската фудбалска организација (UEFA), Мишел Платини, од шест на четири години забрана за вршење на било какви функции на полето на фудбалот, јавува Anadolu Agency (AA).
Меѓународниот суд денес го соопшти решението по жалбата за шестгодишната суспензија изречена претходно од Етичкиот комитет на Светската фудбалска асоцијација (FIFA).
Платини и поранешниот претседател на ФИФА, Јозеф Сеп Блатер, се суспендирани со забрана за извршување на било какви функции во областа на фудбалот поради „нелојални уплати“ од два милиони швајцарски франци. Парите во 2011 година биле префрлени на сметката на Платини, а трансакцијата ја одобрил Блатер, под образложение дека имале усмен договор за исплата поради функцијата на советник која ја ивршувал Платини од 1999 до 2002 година.
На Платини и Блатер, кои ја негираат вината за малверзацијата, жалбената комисија на ФИФА првичната суспензија од осум години им ја намали на шест.
Платини во Лозана побарал од Судот за спортска арбитража во потполност да му биде укината суспензијата, но доби само намалување на суспензијата од шест на четири години. Во септември ќе се одржи избор за претседател на континенталната фудбалска асоцијација, за пополнување на испразнетото место на Платини.