Ivana Ramadanova
08 Мај 2016•Ажурирај: 09 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Денеска на плоштадот Македонија во Скопје започна дванаесетото по ред издание на „Виз Ер Скопски Маратон“ под покровителство на Град Скопје и Мисијата на Европската унија, јавува Anadolu Agency (AA).
На годинешниов маратон учествуваат над 7 илјади луѓе од вкупно 46 држави кои трчаа речиси низ целиот главен град. Се трчаа четири трки - маратон, полумаратон, штафетен маратон и трка на 5.000 метри.
На целта први се појавија учесниците во маратонската трка и полумаратонот. Меѓу нив освен домашните, имаше натпреварувачи и од Кенија, Етиопија, Танзанија, САД, Велика Британија, Словенија, Хрватска, Чешка, Турција, Бугарија. Од Македонија во маратонската трка се пријавени повеќе од 100 учесници.

Најмасовен одзив имаше за трката од пет километри, на која се пријавија повеќе од 5.000 учесници. За оваа трка беа пријавени и цели тимови од домашни компании, додека пак во трката на пет километри, која е воедно и хуманитарна, учествуваа и лица со специјални потреби.
Првото место на 5.000 метри го освои натпреварувач од Косово, за маратонот од 21.000 метри првото место му припадна на натпреварувач од Албанија, и за маратонот од 42.000 метри победничката титула му припадна на натпреварувачот од Кенија.
И годинава за манифестацијата Град Скопје од својот буџет издвои 1.200.000 денари, а ги стави на располагање и сите јавни градски претпријатија. Скопскиот градоначалник, Коце Трајановски, истакна дека маратонот има културна, економска и туристичка димензија и додаде дека со тоа се промовира главниот град и нашата држава.
„Ова за град Скопје значи многу. Ова значи дека градов е спортски град и дека Скопје живее за трчањето, за маратонот и за атлетиката. Годинава се пријавија максимален број на учесници. За наредната година очекуваме дека бројот на учесници ќе достигне и над 10 илјади”, изјави градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Оваа година „Виз Ер Скопскиот Маратон“ е дел од онлајн платформата "Codoon", која е наменета само за кинески корисници. На оваа платформа доброволно се пријавуваат лица кои ќе трчаат на различни локации во Кина, во исто време кога се одржува и маратонот во Скопје на 8-ми мај. Досега во Кина се имаат пријавено над 80.000 тркачи.
Скопскиот маратон традиционално се организира по повод Денот на Европа. Наградниот фонд на маратонот изнесува 17.100 евра.