Ata Ufuk Şeker
31 Октомври 2019•Ажурирај: 03 Ноември 2019
МАДРИД (АА) - Фудбалерот на Барселона, Жерард Пике, изјави дека играчите биле подготвени да ги намалат своите плати за Нејмар да се врати, пренесува Anadolu Agency (AA).
Барса и Нејмар во текот на летниот период направија сѐ за Бразилецот да се врати во „Камп Ноу“. Сепак, ПСЖ бараше 300 милиони евра за бразилскиот напаѓач, па управата на Барса се обиде да собере пари, но на крајот, од трансферот немаше ништо.
Пике изјави и дека самите играчи се обиделе да помогнат за Нејмар да се врати во Барселона.
„Ние, играчите, на претседателот Хосеп Марија Бартомеу му кажавме дека сакаме да ги смениме нашите договори и да ги намалиме платите за Нејмар да се врати. Знаевме дека клубот се обидува да собере пари за неговиот трансфер, но беше тешко поради финансискиот фер плеј. Имавме план да се откажеме од парите кои би ги заработиле следната сезона или за неколку години“, изјави Пике во разговор за шпанското радио „Кадена СЕР“ (Cadena SER).
Тој додаде дека управата на клубот на крајот донела поразлична одлука.
„Наместо да ги намалиме платите, клубот се одлучи за друга формула. Тогаш мислевме дека тоа е добра идеја, а потоа се појавија други проблеми“, изјави Пике, напоменувајќи дека на Бразилецот секогаш му се отворени вратите во Барса.