Ekipa
03 Јуни 2018•Ажурирај: 04 Јуни 2018
РАМАЛА (АА) - Палестинците од Западниот Брег ја повикаа Аргентина да се откаже од пријателскиот натпревар против Израел кој требаше да биде одигран во Ерусалим (Кудс), јавува Anadolu Agency (AA).
Палестинците на повик на Фудбалскиот сојуз на Палестина се собраа пред претставништвата на Аргентина во градот Ал Бира, на Западниот Брег и од аргентинската репрезентација побараа да не го игра натпреварот.
Џибрил Раџуб, претседателот на Фудбалскиот сојуз на Палестина, смета дека средбата поради инсистирањето на Израел да се одржи во Ерусалим (Кудс), за кој тврди дека е главен град, се претворила во политичко средство и излегла од рамките на спортот.
Раџуб изјави дека одржувањето на натпреварот на окупираната територија значи кршење на меѓународните закони и правила на ФИФА, поради што ги повика надлежните страни во Аргентина да го откажат натпреварот.
Тој упати и повик до репрезентативците, а од Лионел Меси побара да не биде средство за осветлување на црното лице на израелската окупација.
„Доколку Меси инсистира на учество во натпреварот, Палестина ќе покрене кампања на меѓународно ниво и на ниво на арапските земји. Се надеваме дека ниту тој, ниту неговата земја нема да учествуваат во овој натпревар“, додаде тој.
Фудбалската средба меѓу Аргентина и Израел е планирана за 9 јуни.