Doga Kirmizioglu
08 Ноември 2017•Ажурирај: 08 Ноември 2017
НАЈРОБИ (АА) - Атлетичарката со потекло од Кенија и олимписка шампионка на маратонот во Рио, Џемими Сумгонг, доби четиригодишна суспензија поради допинг афера, јавува Anadolu Agency (AA).
Антидопинг агенцијата на Кенија (AДAK) потврди дека 32-годишната Сумгонг е суспендирана поради позитивниот тест за допинг и оти нејзината аргументација не беше прифатена.
Во соопштението се наведува дека станува збор за несреќна и ненамерна грешка поради којашто таа е првата натпреварувачка од Кенија со олимписки златен медал во маратон што нема да учествува во натпревари во следните четири години.
Сумгонг беше тестирана во април оваа година, а резултатите беа позитивни за забранетиот крвен стимуланс еритропоетин.
Случајот беше процесуиран и до Судот за спортска арбитража, каде што Сумгонг тврди дека позитивниот резултат на тестот е последица од лекувањето во болница во Кенија поради ектопична бременост.
Нејзините тврдења се отфрлени како неосновани, бидејќи за овој случај не ги известила надлежните органи на Меѓународната антидопинг агенција, а потоа се огласи и болницата којашто ги негираше информациите дека Сумгонг во таа институцијата била на лекување.
Во последните пет години, најмалку 40 атлетичарки и атлетичари од Кенија беа позитивни на допинг-контролите.