Muhammed Enes Çallı
27 Јануари 2021•Ажурирај: 28 Јануари 2021
АНКАРА (АА) - Меѓународниот олимписки комитет (МОК) предложи спортистите и официјалните претставници да се вакцинираат пред да пристигнат во Јапонија за летните игри, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„МОК ќе работи со НОК (Националните олимписки комитети) за да ги охрабри и да им помогне на нивните спортисти, официјални претставници, да се вакцинираат во нивните матични земји, во согласност со националните упатства за имунизација, пред да заминат за Јапонија“, порача МОК во соопштението доцна синоќа.
„Ова е со цел да се придонесе кон безбедно опкружување на Игрите, но исто така и од почит кон јапонскиот народ, кој треба да биде уверен дека се презема сè за да се заштитат не само учесниците, туку и самиот јапонски народ.“
Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах, ги охрабри учесниците на Олимписките и Параолимписките игри да се вакцинираат, но појасни дека тоа нема да биде задолжително.
Првично, закажани за минатиот јули, Олимписките игри 2020 беа меѓу низата спортски настани низ светот кои беа одложени поради пандемијата на коронавирусот.
Олимписките игри треба да се одржат во главниот јапонски град Токио од 23 јули до 8 август, додека Параолимпијадата од 24 август до 5 септември.
Јапонската Влада категорично ги демантира гласините за потенцијално откажување на Олимписките игри.