Doga Kirmizioglu
25 Април 2018•Ажурирај: 26 Април 2018
АНКАРА (АА) - Ѕвездата на синоќешната победа на Ливерпул над Рома во првиот натпревар во полуфиналето од Лигата на шампионите беше египетскиот фудбалер Мохамед Салах, кој најугледните спортски медиуми во Европа веќе го гледаат како добитник на Наградата за најдобар играч на годината во Европа и во светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Ливерпул синоќа победи со резултат од 5 : 2 и се стекна со огромна предност пред реваншот во Рим, а најдобриот играч на натпреварот беше стрелецот на Ливерпул, Салах, кој беше двоен стрелец и двоен асистент во победата над Рома.
Британскиот весник „Гардијан“ пишува дека Ливерпул продолжува да пружа одлични партии, благодарение на египетскиот репрезентативец Салах.
„Салах сам премина во одбрана на својот поранешен тим, и го реши натпреварот. Рома дојде при себе откако Салах излезе надвор од играта и успеа да постигне два гола“, пишуваат од „Гардијан“, осврнувајќи се на синоќешниот фантастичен натпревар.
И весникот „Дејли Мејл“ со внимателно одбрани зборови ја пофали формата на египетскиот ас, а синоќешниот натпревар го нарече „Салах-шоу“.
„Во 75-тата минута од играта излезе Салах, играч кој на европската сцена го одигра најдобриот натпревар во дресот на еден од англиските клубови“, објави „Дејли Мејл“.
Би-Би-Си потсетува дека Салах со десет гола е најдобар стрелец во Лигата на шампионите оваа сезона и дека Ливерпул минатата ноќ го славеше неговиот перформанс на теренот.
Италијанските медиуми, исто така пишуваат дека Рома не успеа да го запре Салах и дека тоа резултирало со примање на пет гола.
Весникот „Ла Република" потсетува дека „трио-фантастикото“ на Ливерпул, Мохамед Салах, Роберто Фирмино и Садио Мане постигна вкупно 88 гола оваа сезона.
Шпанскиот весник „Ел Паис“ синоќешното полуфинале на Лигата на шампионите го анализира во статијата со наслов „Салах со победата на Ливерпул над Рома и’ намигна на Златната топка“.
И францускиот весник „Ле монд“ пишува дека Салах е незапирлив за одбраната и дека игра се’ подобро.
„Муслиманската ѕвезда на Ливерпул, Салах, во полуфиналето на Лигата на шампионите ја сруши Рома и ја потврди својата популарност меѓу навивачите на Ливерпул и во целиот арапски свет“, пишува „Ле монд“.
Американскиот весник „Њујорк тајмс“ пишува дека Рома е само една од многуте „жртви“ на Мохамед Салах, кој е нерешлива енигма за одбраната на противникот во оваа сезона.
Мохамед Салах денес е главната тема на социјалните мрежи.
Холандскиот стрелец Робин ван Перси, пишува дека Салах е „молња“, а поранешниот фудбалски ас од Велс, Роби Севиџ, тврди дека Салах оваа година треба да добие награда за најдобар играч во Европа.
„Мухамед, фантастичен си!“, пишува поранешниот англиски фудбалер Гери Линекер.
„Салах игра со леснотија како да шета во парк. Јас сум импресиониран од неговата форма. Апсолутно неверојатно“, напиша друга легенда на англискиот фудбал, Стив Мекманаман.