05 Јуни 2019•Ажурирај: 06 Јуни 2019
МАНЧЕСТЕР (АА) - Некогашниот аргентински фудбалер, Диего Армандо Марадона, за британските медиуми изјави дека тој е вистинскиот човек за тренер на Манчестер Јунајтед, пренесува Anadolu Agency (AA).
Јунајтед наредната сезона ќе игра во Лигата на Европа, откако не успеа да се пласира меѓу четирите најдобри тимови во Премиер лигата. Во финишот на сезоната под водство на Оле Гунар Солшер, англискиот клуб оствари цели две победи во 12 меча во сите натпреварувања.
„Доколку на Манчестер Јунајтед му е потребен тренер, јас сум вистинскиот човек за таа работа. Знам дека продаваат многу дресови низ светот, но мора да освојуваат трофеи. Тоа можам да го направам за нив. Манчестер Јунајтед долго беше мојот омилен англиски клуб. Имаа прекрасни играчи и прекрасен тим кој го водеше сер Алекс Фергусон. Но, сега морам да кажам дека најдраг ми е Манчестер Сити. Знам дека тоа не би требало да се менува така лесно, но тоа е поради Серхио Агуеро. Ние двајцата многу разговараме, а и тој игра прекрасно. Во Јунајтед ми се допаѓаше Андер Херера, додека Пол Погба не работи доволно“, изјави Марадона и додаде:
„Играв на Олд Трафорд четвртфинале на Купот на победници на куповите во сезоната 1983/84. Каква врева, како на Ла бонбонера“.
За време на прекрасната кариера како фудбалер, сега веќе 58-годишниот Марадона играше за Архентинос Јуниорс, Бока Јуниорс, Барселона, Наполи, Севиља и Невелс Олс Бојс. За репрезентацијата на Аргентина, со која беше светски шампион во 1986 година, одигра 91 натпревар и постигна 34 гола.