Alma Dekovic
17 Јули 2023•Ажурирај: 18 Јули 2023
МАЈАМИ (АА) - Аргентинскиот фудбалер Лионел Меси во неделата официјално им беше претставен на навивачите на неговиот нов клуб Интер од Мајами, пренесува Aнадолу.
Интер го претстави Меси на преполниот стадион во Форт Лодердејл синоќа, еден ден откако го комплетираше трансферот на аргентинската ѕвезда.
По влегувањето на теренот, Меси ги поздрави навивачите и поранешниот англиски фудбалер, претседател и косопственик на Интер Дејвид Бекам, благодарение на кого пристигна во Мајами.
„Сигурен сум дека ќе имаме многу прекрасни искуства“, изјави Меси пред присутните.
Меси за прв пат ќе тренира со своите нови соиграчи во вторник, а во петок би можел да дебитира на домашен терен против Круз Азул.
Американскиот клуб претходно објави дека договорот на Меси ќе трае две и пол сезони и ќе му плаќа меѓу 50 и 60 милиони долари годишно.
Покрај Меси, синоќа пред навивачите беше претставен и Серхио Бускетс, шпанскиот играч од средниот ред кој своевремено играше со Меси во Барселона.
Меси, кој играше во Барселона, каде ја започна својата долга кариера, во 2021 година премина во редовите на францускиот Париз Сен Жермен (ПСЖ). Тој во дресот на ПСЖ одигра 74 натпревари, постигнувајќи 32 гола и 35 асистенции.
За Барселона Меси одигра 520 натпревари и постигна 474 голови. Минатата година стана и Светски шампион со репрезентацијата на Аргентина на СП што се одржа во Катар.