Doga Kirmizioglu
03 Август 2019•Ажурирај: 04 Август 2019
АНКАРА
Јужноамериканската фудбалска конфедерација (CONMEBOL) на аргентинската фудбалска ѕвезда Лионел Меси, кој ги брани боите на Барселона, му досуди казна од 3 месеци неиграње на меѓународни турнири поради изјавите против Копа Америка 2019 и Конфедерацијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на КОНМЕБОЛ се истакнува дека поради „неоснованите и неприфатливите“ изјави на 32-годишната аргентинска фудбалска ѕвезда против Копа Америка 2019 и Конфедерацијата, на Меси му е доделена казна за забрана за играње на меѓународни турнири во времетраење од 3 месеци и парична казна од 50.000 долари.
По поразот од Бразил во полуфиналето со резултат 2:0, Аргентина во борбата за третото место го совлада Чиле со 2:1, но аргентинската фудбалска ѕвезда не учествуваше на церемонијата на доделување на медалите. Во натпреварот за третото место, Меси се скара со Чилеанецот Гери Медел кој ги брани боите на турскиот Бешикташ, по што и двајцата добија црвен картон и казна неиграње на еден натпревар.
По завршувањето на турнирот Меси за медиумите изјави „Аргентина не треба да учествува во една организација во која постои корупција. Многу е очигледно дека овој турнир е организиран за да победи Бразил. Не отидов да го земам медалот бидејќи не сакав да бидам дел од неправдата што ни беше нанесена.“