Elvir Hociç
05 Ноември 2018•Ажурирај: 06 Ноември 2018
ЛИВЕРПУЛ (АА) - Англискиот фудбалски клуб Ливерпул одлучи играчот од средниот ред Џердан Шаќири да се изостави од тимот кој во Белград ќе ѝ гостува на Црвена Ѕвезда во Лигата на Шампиони на УЕФА, пренесува Anadolu Agency (AA).
Мечот на Црвена Ѕвезда и Ливерпул е закажан за во вторник, а од тимот од „Енфилд“ соопштија дека Шаќири е изоставен од тимот кој ќе патува во Србија „за да се избегнат какви било збрки кои би можеле да бидат предизвикани поради албанските корени на играчот“.
Шаќири е швајцарски репрезентативец со потекло од Косово, а на листата најомразени фудбалери на навивачите во Белград се наоѓа и поради начинот на кој го прослави голот кој го постигна во мечот од Светското првенство во Русија, кога Швајцарија ја совлада Србија.
„Ги слушавме и читавме за шпекулациите и приказните за тоа како Шаќири би можел да биде пречекан во Белград и, иако не знаеме што би се случило, сакаме да одиме таму и да бидеме 100 проценти фокусирани на фудбалот, и да не мислиме на други работи“, рече Јирген Клоп, тренерот на Ливерпул, и додаде дека Шаќири ја сфатил и ја прифатил одлуката.
Истакнувајќи дека Ливерпул не сака да испраќа никакви политички пораки, Клоп рече дека неговиот тим сака исклучиво да биде фокусиран на играта.