Vesna Besiç
12 Февруари 2018•Ажурирај: 13 Февруари 2018
ЗАГРЕБ (АА) - Претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, по состанокот со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој престојува во дводневна официјална посета на Хрватска, порача дека прашањето за границата меѓу двете земји е едно од отворените прашања кои, доколку во наредните две години не се реши по билатерален пат, ќе биде ставено пред меѓународното правосудно тело, јавува Anadolu Agency (АА).
„Прашањето за границата секако е едно од отворените прашања. Наша препорака е да продолжиме за тоа да преговараме билатерално уште следните две години, во духот на меѓусебното пријателство и почитување. Доколку во овој период не се договориме за граничните прашања, тогаш да се договориме за излегување пред меѓународното правосудно тело“, порача Грабар-Китаровиќ.
Двајцата претседатели се согласија да продолжат да разговараат за голем број отворени прашања и во иднина, со напомена дека и на денешната средба отвориле многу прашања, за многу работи не се согласиле, но за други тие ги приближиле своите ставови.
„Се договоривме дека ќе продолжиме да разговараме, и многу е битно што ние се согласивме за неколку отворени прашања, дека тие ја претставуваат не само нашата политичка и државна одговорност, туку и нашата човечка, морална, етичка одговорност кон граѓаните на нашите држави, особено за оние семејства, мајки, сите оние коишто ги бараат синовите, членовите на своите семејства, да сториме сé што е можно за да им помогнеме во овој процес, за прашањето на исчезнатите да се реши што е можно поскоро. Секако, постојат многу проблеми, помина долго време од војната“, рече Грабар-Китаровиќ.
Грабар-Китаровиќ и Вучиќ за време на состанокот се согласија да продолжат да работат на сите правосудни прашања што ги оптоваруваат двете земји преку работата на меѓудржавните комисии.
Таа изрази подготвеност за политичка, техничка и каква било друга помош што може да ја дадат на Србија на нејзиниот пат кон Европската Унија.
Посетата на Вучиќ во главниот град на Хрватска е придружена со високи безбедносни мерки. Улиците по којшто мина колоната со српскиот претседател, кој претходно со авион допатува на Меѓународниот аеродром „Фрањо Туѓман“, беа целосно блокирани за сообраќај.
Претседателот на Република Србија се состана и со хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, и со претседателот на хрватскиот Парламент, Гордан Јандроковиќ.
На вториот ден од посетата на Вучиќ на Хрватска тој ќе присуствува на Собранието на Српскиот национален совет.