СКОПЈЕ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ -
Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, во интервју за Anadolu Agency (AA) во пресрет на неговата официјална посета на Република Турција зборуваше за целите на посетата, односите со оваа држава, економската соработка, за ситуацијата во регионот, решението за спорот со името помеѓу Македонија и Грција, како и за останатите општествено-политички важни аспекти.
Во разговорот, премиерот Заев вели дека посетата на Република Турција е нешто што е редовно во односите со земјите пријатели, истакнувајќи дека Република Турција е една од најголемите пријатели на Република Македонија. Премиерот Заев се осврна и на неодамна потпишаниот договор за проширување на економската соработка помеѓу двете земји.
„Турција е еден од нашите најголеми пријатели. Ретко која земја може да се пофали дека на билатерално ниво има потпишано повеќе од 100 договори. Ние, во целиот овој период од самостојноста на Македонија, со Република Турција имаме потпишано повеќе од стотина договори во сите области од секојдневниот живот на нашите граѓани. Мене ми е драго што и договорите се прошируваат согласно потребите на бизнис заедниците. Ние ги следиме, договорите произлегуваат точно од бизнис заедниците. Со овој договор се проширува опфатот на економската соработка, нашата надеж е дека само ќе ги зајакне меѓусебните инвестициони активности, пред сè инвестиционите активности на турските компании коишто сè повеќе и повеќе доаѓаат во Македонија, градејќи го пријателството, што е една од суштините на посетата на Турција, којашто доаѓа на покана на премиерот на Владата на Република Турција. Ќе можеме да разговараме за сите аспекти на унапредувањето на прекрасната соработка којашто ја имаме со Турција. Секако, како и секоја влада, така и турската, а и нашата, пред сè е посветена на економијата и на благосостојбата на граѓаните“, вели премиерот Заев.
Како што нагласи премиерот Заев, во агендата е потврдена средбата со претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган, со премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, со претседателот на турскиот Парламент, Исмаил Кахраман, со претставници на коморите, како и со авиокомпанијата ТАВ.

Премиерот Заев во интервјуто за АА се осврна и на неодамна потпишаниот договор помеѓу Македонија и Турција за воена финансиска соработка меѓу министерствата за одбрана на двете земји, кој предвидува поддршка вредна 1,5 милиони долари од страна на Република Турција за Република Македонија.
Како што вели премиерот Заев, Турција е силен поддржувач во зајакнувањето на безбедносните капацитети на Република Македонија и тоа од почетокот на 1990-те години.
„Најмногу се работи за капацитети коишто турските воени ресурси може да ги споделат со Република Македонија, и тоа од областа на одрбана и од областа на безбедноста преку Министерството за внатрешни работи. Се работи за користење на можностите кои Турција ги дава за подигнување на капацитетите на специјалните единици во Македонија и генерално, опременоста на специјалните единици. Заедно, многу често со силите на Турција учествуваме во мисии во Авганистан, во Кабул, партнерството е толку сериозно, довербата е толку голема што меѓусебното зајакнување на капацитетите значи заедничко зајакнување на капацитетите. Турција е членка на НАТО и има сериозно големи капацитетити од кои Македонија има многу што да научи. Ние сме благодарни. Турција е еден од најголемите донатори на воена опрема во Македонија, директно турско производство со турски компании или слично“, истакнува Заев изразувајќи благодарност до Турција бидејќи, како што вели, тоа е само една потврда за големото пријателство кое Република Турција го негува кон Македонија.
- „Ние сме рамо до рамо со Турција во борбата против тероризмот“ -
Премиерот Заев, при одбележување на Денот на образованието на турски јазик во Македонија - 21 декември, рече дека Македонија ја поддржува Турција во борбата против терористичката организација ФЕТО, а во интервјуто истакна дека Република Македонија е рамо до рамо со Турција во борбата против тероризмот.
„Знаете дека прво рамо до рамо со Турција сме на глобално ниво во борба против тероризмот, екстремизмот, радикализмот, насекаде. Ние како и целиот свет го осудивме насилниот начин на обидот што се случи 2016 за преземање на институциите. Тоа е недозволиво никаде во светот, ниту во една демократска земја како што е Република Турција. За жал, ние го видовме тоа и кај нас, на 27 април, кога по насилен пат сакаше да се преземе контролата врз Парламентот. Тука дополнително ја споделуваме солидарноста со Турција. Демократските институции и граѓаните одлучуваат кој ќе ги раководи или не. Начинот на насилно преземање е за осуда, јас го осудив, ја дадов нашата поддршка на Турција во борбата против секаков вид тероризам, екстремизам и радикализам, заради тоа што во 21 век навистина треба да одиме напред и ваквите настани заслужуваат само осуда“, рече Заев.
- Турција е голем поддржувач на Македонија за интеграциите во ЕУ и НАТО -
Интеграциите во Европската Унија (ЕУ) и НАТО се стратешки цели на Република Македонија, а Република Турција, како стратешки партнер на Македонија, е нејзин поддржувач во овие процеси.
Потсетувајќи на овој факт, премиерот Заев вели дека Турција не само што е поддржувач, туку таа е воедно и промотор на Македонија во овие процеси.
„Турција не само што е поддржувач, таа е нашиот промотор, таа е нашиот партнер кој се грижи за нашите перспективи, пред сè во НАТО тоа е многу изразено. Турција секаде со фуснота ги потпишува сите работи коишто се поврзани со Република Македонија изразувајќи ја како Република Македонија. Тоа е навистина многу среќна околност за нас. Ние сме многу благодарни што имаме еден таков партнер, пријател, којшто ја поддржува Република Македонија во интеграциите во НАТО, и Турција продолжува и понатаму“, вели Заев.
Тој истакнува дека спорот со името помеѓу Македонија и Грција е суштествен проблем, поради што Македонија бара поддршка од сите земји кои се членки на меѓународните институции, пред сè на Обединетите нации, НАТО и Европската Унија.
„Турција е членка и на НАТО, и во процесот на НАТО секако е добродојдена таа поддршка, но и земја којашто овде на Балканскиот Полуостров, градејќи го сето ова пријателство со Турција, изградено многу години наназад, треба да го унапредуваме и јас верувам дека ваквата посета ќе ја искористиме за уште еднаш да побараме поддршка и понатаму во процесите толку важни за Македонија и во НАТО и во ЕУ, токму преку еден голем наш пријател како што е Република Турција“, потенцира Заев.
Исто така, премиерот на Република Македонија вели дека апсолутно нема никаква резерва дека Турција ќе продолжи да ја поддржува Македонија во делот на спорот за името, за кој вели дека е суштествен.
„Најмногу билатерално зависи помеѓу нас и од Република Грција, под лидерство на ОН, преку Метју Нимиц. Јас сум убеден дека постои решение ако навистина имаме взаемно разбирање на двете страни коишто сме вклучени во преговорите, но пријателите се секојпат добродојдени да нè охрабрат, без разлика дали се работи за нашата страна, на којашто секако и треба охрабрување. Јас сум убеден дека уште еднаш поддршката, пријателството, охрабрувањето ќе бидат само дополнителен потстрек да се изнајде решение“, смета Заев.
- „Сите во Македонија сакаат да се реши спорот со името“ -
Според неговото мислење, сите во Република Македонија сакаат да се реши долгогодишниот спор околу името помеѓу Република Македонија и Грција, а исто така, изразува верување но и потреба од постигнување на национален консензус во однос на ова прашање.
„Јас сум убден дека сите во државата сакаат решение. Прашањето е дали тоа решение ќе го додржи нашето достоинство и ќе го сочува нашиот идентитет, тука е суштината и верувам дека тоа е возможно. Консензусот е уште попотребен кога знаеме дека е апсолутно прашање од национален интерес и ред е во неговото решавање да учествуваме сите, и сите да ја споделиме и одговорноста, но и благодетите од решавањето на овој проблем“, истакнува Заев.
Како што вели тој, можно е да се гради национален консензус ако во Македонија меѓусебно се информираат политичките чинители и доколку заедно ги градат стратегиите, што според неговите зборови, Владата и го прави, со претседателот на државата, со опозицијатта, како и со Парламентот преку неговите претставници.
„Целта е како што напредуваме во процесот, меѓусебно да ги градиме ставовите и позициите но во функција на решение, не во функција на негово блокирање. Јас сум убеден дека решението кога би се нашло, а можно е да се најде, да стоиме сите зад него е многу важно за граѓаните, за Република Македонија, но важно е и за грчката страна, за да знаат дека тоа ќе биде еднаш засекогаш решено, значи ќе биде вековно решение, нема да биде времено решение“, смета тој.
Истакнува, градењето на националниот консензус преку Парламентот ќе претставува потврда за Грција и грчките институции дека зад решението стојат сите во Република Македонија.
„Градејќи го националниот консензус преку Парламентот ќе претставува потврда за Грција и грчките институции дека зад решението стојат сите во Република Македонија, а референдумот може да биде само капа, конечно покривање и потврдување дека и граѓаните го поддржуваат ваквото решение. Верувам, за нашите партнери од грчката страна тоа би било најсериозната гаранција која може да ја добијат дека ова решение е конечно, потврдено на референдум, за никогаш повеќе идни генерации да не го отворат како проблем“, смета Заев.
- Посакуваме до крајот на месец мај да се реши спорот со името -
Во однос на можниот датум за конечно решавање на спорот околу името помеѓу Македонија и Грција, премиерот Заев изразува оптимизам дека тоа би можело да биде до крајот на месец мај оваа година.
„Сите посакуваме до крајот на мај месец да го решиме, заради тоа што во јуни ќе има одлуки дали Македонија ќе добие датум за преговори или не, во јули ќе има НАТО самит, каде што очекуваме автоматската покана да биде реафирмирана, а би било убаво дотогаш да се реши. Но, не е греда ако се реши во август, септември, октомври, затоа што ние имаме автоматска покана од НАТО, таа ќе биде веднаш активирана ако се реши овој проблем, но истовремено не е баш и условена со добивање на датум за преговори, којшто нема да биде сигурно август, можеби ќе биде први јануари 2019, така што не сме толку заробеници на времето. Убаво е порано да го решиме. Јас би сакал до крајот на март да го решиме. Зошто? Во април НАТО има подготвителен состанок за Самитот кој ќе се одржи во јули. Верувам дека колку повеќе се развлекува тоа не е во полза ниту на Македонија, ниту на Грција; колку порано ќе се реши, толку повеќе ги отстрануваме можностите од лавирања коишто со текот на времето се појавуваат, така што би било добро месец порано да го решиме, но секако, најважен е првиот приоритет - да се најде решение“, истакнува Заев.
Во однос на Законот за употреба на јазиците во Република Македонија, премиерот Заев вели дека не е прашање кое може да ги наруши односите со соседите, туку дека ваквите прашања може да ги подобрат односите.
„Ние сме мултиетничка земја. На прашањето за употребата на јазиците гледаме како на право коешто досега не е овозможено, а уставот тоа го дава. Амандманот 5 од Уставот јасно ја дава рамката до каде може да се оди, и овој закон оди дотаму. Значи, законското решение е уставно. Се работи за унапредување на јазиците на помалкубројните заедници, секако прво на албанската, но и на турската, бошњачката, српската, ромската, влашката ... Има цели членови внатре коишто дефинираат за помалкубројните етнички заедници, така што Законот за употреба на јазиците јас го гледам како некое право коешто досега не било овозможено, треба да го овозможиме. Практиката ќе покаже дека ништо не е загрозено, практиката ќе покаже дека самиот закон ја унапредува и употребата на македонскиот јазик и го дорегулира како што тоа е замислено согласно уставот. Тоа е прашање на коешто треба да градиме соработка и компактност во нашата земја, а не да биде прашање коешто не дели“, изјавува премиерот Заев.
- За закон од 4.000 зборови поднесени 35.000 амандмани -
Премиерот Заев вели дека ја повикале опозицијата во Собранието да учествува во ова прашање, но како што вели, за жал тие избрале да бидат надвор од самиот процес.
„Претседателот на државата одлучи да не го потпише со одредени забелешки, согласно Уставот и деловникот тоа ќе биде вратено секако на дневен ред каде што ВМРО-ДПМНЕ ќе има повторно можност да учествува во самата дебата. Не е во ред да се поднесат 35.000 амандмани за закон којшто има 4.000 зборови, тоа само по себе покажува каква е интенцијата. Но, за мене нема нешто што не може да биде решено. Јас верувам низ дијалог токму во Собранието помеѓу власта и опозицијата ќе се изнајде решение за оваа можна блокада на законското решение. Треба да го пушиме законот да тера. Нека живее и ќе видат сите дека не е болка за умирање, туку е нешто што ќе гради само внатрешна кохезија во Република Македонија“, вели Заев.
Тој смета дека граѓаните во Република Македонија од овој закон не треба да се плашат од било кој аспект дозирани преку национализми дека законот ќе нанесе рани во Република Македонија, туку напротив, само може да донесе подобрување на состојбите.

- Балканот повеќе не е буре барут -
Во однос на регионалната соработка, вели дека тоа е само показател дека Балканот е ориентиран кон иднината.
„Сето ова што се случуваше во последните 6-8 месеци, потврдува дефинитнивно дека Балканот повеќе не е буре барут. Балканот гради пријателство, Балканот е фокусиран кон интеграции во ЕУ и во НАТО, со одредени мали исклучоци за НАТО, но секако Балканот е ориентиран кон градење на соработка, пријателство, зближување помеѓу себе, унапредување на соработката. Со сите овие наши земји од соседството направивме соработка, секако и со Грција ја унапредуваме соработката, мерките за доверба помеѓу двете земји се унапредуваат и сè повеќе расте реализацијата на тие мерки. Тоа го направивме не само со земјите од соседството туку и со сите земји од регионот, со БиХ, Црна Гора, Словенија, следува посетата на Турција, потоа веројатно и на Хрватска, целиот регион, за да ги фиксираме интересите на взаемна соработка и да испратиме порака дека Балканот навинстина заслужува да биде дел од Европа, Балканот заслужува да биде рамо до рамо со модерните земји, и Балканот може многу да даде за Европа и глобалниот свет“, вели Заев.
Во разговорот информираше дека Договорот за патување со лични карти на државјаните на Македонија и Босна и Херцеговина веќе е усвоен на Влада, како и дека следува ратификација во Парламентот. Премиерот Заев изрази верување дека во ова прво полугодије од 2018 година ќе стапи во сила.
Исто така, премиерот Заев се осврна и на идејата за воспоставување на авионската линија Скопје-Сараево-Подгорица, информирајќи дека е можно да биде проширена до Истанбул.
„За авионската линија Скопје-Подгорица-Сараево ние отворивме дури и можност да биде почетната или крајната дестинација Истанбул, за да има одржливост на оваа работа. Нам ни е важно да ја направиме оваа спојка заради тоа што ако имаме ваква авионска линија дефинитивно ќе отвори огромен нов потенцијал за соработка помеѓу граѓаните на овие три земји”, истакнува Заев.
Додаде дека верува оти до летната туристичка сезона ваквата линија би требало да профункционира, што според неговото мислење би бил голем бенефит и за економијата, туризмот, но и за сите граѓани од регионот.
- Културната соработка со Турција е важна -
Во разговорот, премиерот Заев освен на економската соработка се осврна и на културната соработка помеѓу Македонија и Турција, информирајќи за прашањето на културните центри на двете земји кое треба да се реши.
„Земји пријатели немаат предрасуди за ниту едно прашање. Секако, и ова прашање ако имаме соодветни присутни луѓе и институции ќе го отвориме. Сè уште немаме дорешено капацитети, односно, објекти за културните центри за двете земји, Куршумли Ан е доделен, ние имаме таму некој објект несоодветно доделен, а тоа може да го решат само двете влади. Владите се комплетно пријателски настроени и верувам дека може дополнително да се изнајде решение. Проблемот овде е заради конзерваторските основи и начинот на проектирање на делови од стакло коишто треба да бидат автентични за културниот центар на Турција овде во Скопје, а нашиот дел е несоодветниот, малиот простор за кој имаме дополнителна потреба, но тоа е прашање на институциите, верувам дека ќе се изнајде соодветно решение, заради тоа што потребата од отворање на културните центри за соработка помеѓу нашите две земји има своја суштина и потреба. Отворено е од претходната влада, и тоа е добро затоа што може само да ја унапреди културната соработка помеѓу Македонија и Турција“, рече Заев.
- „Турција е најголем пријател на Македонија“ -
Меѓу другото, премиерот на Македонија порача дека е најважно со сите земји, посебно со земјите во регионот да се гради пријателство, да се создаваат услови за економска, трговска, културна и сите видови соработка од кои граѓаните ќе имаат бенефит.
„Да продолжиме да градиме вакво пријателство, затоа што пријателството дефинитивно може да биде само од помош, а не може да биде зијан за било кој. Јас сум убеден дека Турција, со посетата која што ние ќе ја имаме сега во Анкара, уште еднаш ќе биде само потврда за пријателството коешто било пример за целиот регион, не само меѓу Република Македонија и Турција, туку блескало со израз на доброчудноста на пријателскиот однос на двете земји коешто може да биде само урнек кој што може да го следат и другите земји“, потенцира Заев.
На крајот, премиерот Заев изрази уверување дека соработката со Турција може да се унапреди и на други начини коишто не биле досега искористени, посебно истакнувајќи го туризмот како област во која Република Турција е многу успешна и има богато искуство.
„Јас и во делот на туризмот и во делот на економијата ќе се обидам да постигнам многу со оваа средба, да побарам директна поддршка и од претседателот на државата и од премиерот на Владата на Република Турција и од претседатлот на Парламентот во Турција, да продолжиме на прецизни начини таа помош која Турција буквално несебично ја дава на Македонија да придонесе во економски аспекти, економијата е главен предизвик на нашите граѓани, а можат да ни помогнат најмногу пријателите; Турција е најголем пријател на Македонија“, истакнува премиерот Заев во интервјуто за Anadolu Agency (AA).
news_share_descriptionsubscription_contact
