Dejan Maksimoviç
13 Јануари 2018•Ажурирај: 13 Јануари 2018
СПЛИТ (АА) - Ракометната репрезентација на Хрватска во фантастична атмосфера на преполната Арена Спаладиум извојува висока победа над Србија со резултат 32:22 (14:9). До големиот триумф во првото коло од Европското првенство 2018 во групата А Хрватите дојдоа пред се благодарејќи на добрата игра во одбрана, јавува Anadolu Agency (AA).
Хрватите понесени од навивачите на трибините, многу подобро го започнаа натпреварот, поведувајќи со 2:0, потоа 4:2, а во 13. минута од натпреварот дојдоа до предност од три погодоци 6:3. Србија пет минути подоцна успеа да се врати во игра и се приближи на еден гол разлика 7:6. До 25. минута Србија успеваше да остане на минус еден погодок, но потоа нанижаа неколку грешки во нападот, што играчите на Хрватска го искористија и на полувремето заминаа со резултат 14:9.

Во продолжението на натпреварот Хрватска без поголеми проблеми ја одржуваше разликата од 5 до 7 погодоци. Србија ниту во еден момент не успеа да го загрози високото водство на Хрватите, а во финишот на натпреварот потполно попушти. Хрватска успеа да извојува висока победа над Србија од 32:22 за големо славење во Спаладиум арената.
Триумфот на Хрватска ја засени повредата на капитенот Домагој Дувњак, кој со болна гримаса на лицето мораше да го напушти теренот во самата завршница на мечот
Треба да се нагласи дека на трибините на сплитската арена владееше пеколна атмосфера, но воглавно хрватските навивачи ги поддржуваа своите миленици, без да го вреѓаат противникот.
Најефикасни во победничкиот тим беа Лука Степановиќ и Мануел Штрлек со по 6 погодоци, а Лука Циндриќ и Златко Хорват постигнаа по 4 погодоци. Во спротивниот табор се издвоија Перат Ненадиќ и Немања Зеленовиќ со по 5 погодоци.

На трибините на „Спаладиум“ поддршка на хрватската репрезентација им даде и претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ.
Првиот ден од Европското првенство во ракомет се одиграа 4 натпревари од групите А и Б и беа постигнати следните резултати:
Шведска - Исланд 24:26
Белорусија - Австрија 27:26
Хрватска - Србија 32:22
Франција - Норвешка 32:31
За денеска се закажани натпреварите во групата Ц и Д. Во групата Ц Македонија ќе игра против Словенија.
Распоредот на денешните ссредби е следен:
17:15 Германија - Црна Гора
18:15 Шпанија - Чешка
19:30 Македонија - Словенија
20:30 Данска - Унгарија