Bojana Stojanovic
26 Април 2021•Ажурирај: 27 Април 2021
БЕЛГРАД
Во Србија досега се дадени 3.255.000 вакцини против коронавирусот, соопшти директорот на владината Канцеларија за е-Управа, Михаило Јовановиќ, и најави дека од утре, 27 април, ќе биде овозможена имунизација без закажување и со кинеската вакцина „Синофарм“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Податоците од утрово покажуваат дека досега се дадени 3.255.000 вакцини, од кои од првата доза дадени се 1.945.000, а од втората доза 1.310.000 вакцини. Бројот на граѓани што се имунизирани е околу 1,2 милиони, тоа се оние граѓани кај кои поминале три недели од втората доза, односно пет недели од првата доза, кога станува збор за АстраЗенека“, изјави тој за Радио-телевизија Србија (РТС).
Јовановиќ најави дека утре на сите пунктови за вакцинација низ Србија ќе биде овозможено вакцинирање без претходна најава и со кинеската вакцина „Синофарм“, како што е тоа случај со вакцините на Фајзер и Спутник Ве.
Кога станува збор за имунизацијата, тој рече дека одѕивот во Белград е добар, но исто така и во Ниш, Ужице, Нови Сад, додека најмалку вакцинирани, под 20 отсто, имаат Тутин, Нови Пазар, Сјеница, Лајковац, Мионица, Бујановац, Љиг и други.
Во Србија досега се вакцинирани околу 39.000 странци, кои и понатаму можат да се пријават преку порталот е-Управа, иако немаат регистриран престој во Србија. Сепак, во моментов приоритет се граѓаните на Србија.
„Кога ќе завршиме со вакцинирање на нашите граѓани, ако има доволно вакцини, ќе размислуваме за повикување и на странските државјани“, заклучи Јовановиќ.